КАДЕ СЕ ЈАВУВАЛ ЗАЕВ ВО СРБИЈА, КАДЕ ПАТУВАЛ ФИЛИПЧЕ НА ЈУГ? Петрушевски постави јавни прашања до сегашниот и до поранешниот лидер на СДСМ
Факт е дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес конференција обвини дека во случајот со околу 40 тони запленета марихуана вплеткани се Зоран Заев и Венко Филипче.
– Вклученоста си ја потврди самиот Заев, се јави бранејќи се, наместо да им се извини на граѓаните за сиот криминал што го има направено. На Заев веќе никој не му верува, ама со жалопојките на Фејсбук, тој самиот покажа дека е погоден и фатен жив на дело. Нешто што е јасно во јавноста е несомнениот факт дека неговата влада се прослави со актуелизирање на бизнисот со марихуана, продаден како грижа за здравјето на граѓаните или канабис за медицински цели. Како и да е, факт е дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев – рече Петрушевски.
Пратеникот посочи дека станува збор за фирма на лице кое било претседател на општинскиот одбор на СДСМ во Ново село, Тони Котев познат како М’гчев, кој е близок со Вице Заев.
– Секако, основоположникот на бизнисот со марихуана – владата на СДС(М) предводена од Заев кога министер за здравство беше Филипче, креирала правила по своја мерка и доделувала бизниси по своја мерка, или на свои луѓе. Сега следи целосно расчистување на криминалот во оваа област. Секој еден кој се занимава со одгледување, до производство на готови производи од марихуана ќе биде проверен.
А за поврзаноста на Заев и Филипче еве за почеток тие лично нека дадат одговори на јавноста на следниве прашања: Каде се се јавувал Заев при запленета на петте тони дрога во Србија? Зошто набрзина Филипче се упатил кон југ?
Случајот ќе биде комплетен само ако јавното обвинителство ги истражи сите аспекти, меѓу кои и поврзаноста на Заев и Филипче – рече Петрушевски на прес конференцијата.