КАДЕ СЀ ЌЕ ОДАТ БЕГАЛЦИТЕ ОД АВГАНИСТАН? Еве го списокот на пожелни земји и бројки

Секој ден има нови барања за азил. Во Турција 125.000 нови луѓе чекаат да бидат примени, нови 33.000 бегалци во Германија и дури 20.000 во соседна Грција. Канада и Велика Британија ќе вдомат по 20.000 азиланти, Австралија до 3.000 луѓе, а повеќето ЕУ-земји не се расположени да примаат нови луѓе по мигрантската криза од 2015 година.

1,688

Неверојатни 5,7 милиони Авганистанци, од кои 2,2 милиони пребегале во соседните земји, а 3,5 милиони сѐ уште пробуваат да заминат од хаосот во Авганистан или ќе останат заглавени внатре без покрив на главата е бројката на луѓе која настрада во брзата опсада на земјата од талибанците, истражува Би-Би-Си.

Како и каде ќе заминат овие луѓе од Авганистан, ако се знае дека „сите редовни канали“ се запечатени?






Илјадници луѓе веќе се упатија кон меѓународниот аеродром во Кабул, во моментов единствениот оперативен во земјата, во очајнички обид да избегаат. Во неделата, официјален претставник на Белата куќа рече дека досега повеќе од 18.000 луѓе со летови биле превезени надвор од земјата од страна на САД и нивните сојузници, иако не е јасно колку од нив се авганистански државјани.

Всушност, уште пред талибанците да ја преземат контролата, повеќе од 550.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови оваа година поради борбите, според УНХЦР.

Ако ова е точно, тоа значи дека околу 3,5 милиони Авганистанци во моментов се внатрешно раселени во земјата. Нивниот егзодус продолжува. Згора на ова, ако земеме дека во јуни во земјата имаше суша, скоро 14 милиони луѓе, или една третина од населението, беа оставени да гладуваат.

Каде одат бегалците од Авганистан?

Соседните земји Пакистан и Иран минатата година забележаа најголем број авганистански бегалци и баратели на азил.

Речиси 1,5 милиони луѓе избегаа во Пакистан во 2020 година, додека Иран беше домаќин на уште 780.000, според податоците на УНХЦР.

Германија беше трета, со повеќе од 180.000 азиланти, додека Турција зеде речиси 130.000 бегалци. По нив доаѓа Грција, а неофицијално некои од нив влегуваат и во Иран, но не со барање за азил, туку со посебна карта за бегалец.

Секој ден има нови барања за азил. Во Турција 125.000 нови луѓе чекаат да бидат примени, нови 33.000 бегалци во Германија и 20.000 во соседна Грција.

Што прават земјите за да помогнат? Додека соседна Словенија рече не, Грција одлучи да гради ѕид со бодликава жица, Путин ги одби, а ЕУ размислува, еве каква помош нудат останатите земји.

Иран

Иран веќе постави шатори на својата граница со Авганистан, но изјави дека штом се подобри ситуацијата, бегалците ќе бидат депортирани назад во својата земја.

Пакистан

Пакистан најави дека ќе ја затвори границата со Авганистан доколку талибанците ја преземат власта. Сепак, неколку илјади Авганистанци веќе преминале во Пакистан.

Таџикистан

Таџикистан соопшти дека ќе прими до 100.000 бегалци од Авганистан. Во моментов, неофицијално, во земјата успеале да пребегаат само неколку стотини бегалци.

Узбекистан

Се вели дека околу 1.500 Авганистанци ја минале границата меѓу Авганистан и Узбекистан и поставиле камп.

Велика Британија

Обединетото Кралство објави дека планира да прифати 20.000 авганистански бегалци, пред сѐ жени, деца и луѓе од малцинствата.

САД

Претседателот Џо Бајден одобри 500 милиони американски долари за „неочекувани итни потреби за бегалци“, но не кажа колку точно бегалци ќе примат.

Канада

Канада соопшти дека ќе вдоми 20.000 Авганистанци, фокусирајќи се на жените, владините работници и најзагрозените.

Австралија

Австралија ќе понуди не повеќе од 3.000 места за бегалци од Авганистан, и на нив ќе им бидат издадени посебни хуманитарни визи.

Европска Унија

ЕУ уште размислува во врска со бегалците. Неколку од земјите веќе рекоа дека сакаат да избегнат повторување на мигрантската криза од 2015 година.

Германија

Канцеларката Ангела Меркел објасни дека Германија ќе помогне бегалците „да имаат безбеден престој во земјите кои му се соседни на Авганистан“.

Франција

Претседателот Емануел Макрон изјави дека Европа мора „да се заштити од значителни бранови илегални мигранти“ од Авганистан. Франција ќе им помогне само на најранливите.

Австрија

Австрија ја отфрли можноста да прими бегалци од Авганистан.

Швајцарија

Швајцарија соопшти дека нема да прифати големи групи на бегалци.

Турција

Претседателот Реџеп Таип Ердоган почна да гради ѕид на границата со Иран за да ги спречи бегалците да влезат во Турција.

Уганда

Уганда се согласи да прими 2.000 авганистански бегалци. Таа е земја со најголем број на бегалци во Африка.

Поврзани содржини