КАДЕ ПОЛИЦАЈЦИ ПРИЈАВУВААТ НАПАД ВРЗ ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА? Во американска амбасада или во ДУИ?
„Двајца влегле во полициска станица во Струга, прскале со солзавец и ги тепале полицајците." Да се запознаеме со идниот министер за внатрешни и неговиот заменик“ – пиушува на Фејсбук македонскиот сатиричар Иљче Затаракоски.
„Кај пријавувет полицајци напад врз полициска станица? Во америчка амбасада? Или во ДУИ?“.
Ваква урнебесна дилема поставува на својот профил на Фејсбук македонскиот блогер и сатиричар од Охрид Иљче Затаракоски, поттикнат од последниот несекојдневен напад врз полициска станица во Струга.
Имено, двајца стружани на 32-годишна возраст во саботата по полноќ влегле во полициската станица во Струга, и за да спречат трет стружанец да поднесе пријава против нив, почнале пред очите на полицајците да го прскаат со спреј-солзавец. Полицајците се обиделе да го спречат, но го извлекле подебелиот крај – двајцата стружани се нафрлиле и врз нив! Почнале да ги тепаат, да ги влечат и се обиделе да им го земат службеното оружје.
По некое време дрските стружани сепак биле совладани од полицајците, но како што се вели во полицискиот билтен, „продолжиле упорно да се обидуваат да се ослободат и да побегнат од станицата“.
„Имајќи ја предвид дрскоста со која бил извршен нападот во полициска станица, околностите кои укажуваат на опасност од бегство и можноста да го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор“ – информираше ОЈО Струга.
Бидејќи во меѓувреме „делото не е повторено“, останува да заклучиме дека предлогот на ОЈО бил прифатен.
Импресиониран од оваа несекојдневна вест, Затаракоски на Фејсбук направи храбра политичка прогноза:
„Двајца влегле во полициска станица во Струга, прскале со солзавец и ги тепале полицајците. Да се запознаеме со идниот министер за внатрешни и неговиот заменик.“
Затаракоски на својот портал Кооперација.мк дури објави и „вест“ дека „ДУИ ги предложи за уставни судии двете лица кои ја нападнаа полициската станица во Струга.“ Нема информации дали Уставниот суд конечно се комплетирал, но еден ден и тоа може да се случи.