КАДЕ МУ СЕ ТЕХНИЧКИТЕ ДОГОВОРИ СО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА? Сириза го обвини Мицотакис за лицемерие
Грчкиот премиер упорно молчи дека европската перспектива на Западен Балкан се одмрзна во 2018 година и постои благодарение на Договорот од Преспа – реагира Сириза.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис е лицемерен кога ја истакнува важноста на европската перспектива на Западен Балкан, а одбива да ги ратификува трите технички договори со соседната земја и упорно молчи дека оваа перспектива се одмрзна во 2018 година и постои благодарение на Договорот од Преспа – реагира денеска грчката партија Сириза за денешната средба на лидерите од регионот што се одржува во Атина.
„Потсетуваме дека господинот Мицотакис е единствениот европски премиер кој од една страна ја повикува ЕУ да продолжи со интеграцијата на Северна Македонија (и сите земји од Западен Балкан) за помалку од десет години, додека од друга страна одбива да ги ратификува трите технички договори со соседната земја. Тој е премиерот кој од една страна не го кани премиерот на Албанија поради случајот Белери, но од друга страна пред неколку месеци со него одржуваше фиести во малцинските села во Албанија разменувајќи предизборни комплименти“, пишува Сириза.
Оттаму обвинија оти грчката влада има недостиг од стратегија во надворешната политика, а особено недостиг на кохерентна стратегија за Балканот во корист на интересите на Грција.
„На денешната неформална средба во Атина грчките власти треба да претстават конкретни иницијативи за пристапната перспектива на Западен Балкан во ЕУ, наместо средбата да биде можност за уште еден пи-ар“ – порача Сириза.
На неформалната вечера на лидерите од регионот во Атина најавено е присуство и на украинскиот претседател Володимир Зеленски.