КАДЕ ИМА НАЈМНОГУ, А КАДЕ НАЈМАЛКУ ВАКЦИНИРАНИ Еве ги бројките за Македонија

Најмал процент од населението, вакцинирано со барем една доза вакцина има во градовите Гостивар 30,5% и Дебар 31,7%.

836

Заклучно со 4 септември, со една доза на вакцина против ковид-19 вакцинирани се 44,6% од вкупното население над 18-годишна возраст во земјава. Вкупно 54% од граѓаните над 40 години имаат примено барем една доза на вакцина, 29% од граѓаните помеѓу 18 и 39 години, соопшти Министерството за здравство.

Според последните податоци, најголем опфат со една доза на вакцина има во Неготино 63,4%, Кавадарци 62,3% и во Охрид 61,4%. По нив, најмногу вакцинирани со прва доза има во градовите Гевгелија 59,8%, Берово 56%, Ресен 57,2%, Битола 55,8%, Ресен 57,2%, Пехчево 53%, Крушево 52,3%, Валандово 53,3%, Штип 51,9%, Пробиштип 50,5%. Помеѓу 40-50% опфат на вакцинирано население со барем една доза на вакцина има во градовите Демир Хисар, Велес, Св. Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Струга, Прилеп, Македонски Брод и Скопје, а помеѓу 30-40% опфат во градовите Кичево, Виница, Куманово, Кратово, Струмица, Тетово, Гостивар, Радовиш. Најмал процент од населението, вакцинирано со барем една доза вакцина има во градовите Гостивар 30,5% и Дебар 31,7%.






Вакцинацијата се одвива во сите постоечки вакцинални пунктови, а граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Процесот на вакцинација со домашна посета се одвива со претходно искажана заинтересираност до најблискиот пункт на местото на живеење.

„Вакцини има во доволен број. Апелираме на заинтересираност и вклучување во процесот на вакцинација, особено до помладата популација на граѓани во периодот што следува. Вирусот не ги исклучува младите, а на тоа укажуваат бројките од последите анализи. Потребно е сега младите активно да се вклучат во опфатот со вакцинација и само на овој начин, со што поголем процент на вакцинирано население помеѓу помладата популација ќе го зацврстиме колективниот имунитет и заеднички ќе создадеме бариера на секој иден епидемиолошки бран предизвикан од вирусот ковид-19“, се наведува во соопштението од Здравство.

Заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 747.225 граѓани во земјава. Прва доза вакцина вчера примиле 3.621 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.159 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.332.658 дози вакцини, а ревакцинирани се 579.358 граѓани.

Со последните бројки 54% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 29% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход, нагласуваат од Министерството за здравство.

Поврзани содржини