Министерството за внатрешни работи тврди дека постапила по пријавите на жените кои беа убиени во Кочани и Куманово, наспроти тврдењата на граѓанските здруженија дека не постапила.
„Од страна на МВР е постапено по секоја пријава. Во врска со случајот во Куманово, од страна на СВР Куманово редовно се преземани мерки и активности, и во периодот од 2013 до 2023 година од страна на СВР Куманово до надлежното ОЈО Куманово се поднесени пет кривични пријави против Д.Ј. за сторено кривично дело по член 130 ст. 2 од Кривичниот законик, во кои оштетено било лицето Е.А..
Во врска со случајот во Кочани, во ОВР Кочани на 16.05.2023 во 11.30 часот Т.М. пријавила дека подолг период У.Р. , со кого биле во љубовна врска, ја уценувал дека ќе објави компромитирачки фотографии и видеа доколку не му даде пари. Од страна на инспектори во НК за КР – ОВР Кочани е постапено по пријавата и на 31.05.2023 до ОЈО Кочани е доставен поднесок – известување, со службен материјал во прилог, а на 05.06.2023 до надлежното Обвинителство е доставено и дополнување на известувањето, со службен материјал во прилог“, се наведува во реакцијата на МВР.
Оттаму велат дека Министерството за внатрешни работи секогаш постапува по добиените пријави и презема мерки и активности во координација со другите надлежни институции.
Прашањето е како тогаш се случуваат вакви трагични исходи по животот на жените? Каде е курцшлусот? Дали не е веќе крајно време да се сменат и да се забрзаат постапките на институциите при пријавување семејно насилство?