Кај уценетите и изневерени Македонци не барајте навивачка страст како кај Славјанка

Македонците знаат како е да бидеш оставен на цедило од ЕУ и од НАТО. И затоа од нив не може и не треба да се бара ентузијастички да навиваат за Украина и против Русија. Македонските официјални личности ќе ги исполнат своите политички обврски кон НАТО и ќе ја осудуваат агресијата, но мнозинството Македонци ќе се молат војната во Украина да заврши што побрзо, со примирје и со траен мир, а последиците од ова лудило врз светската и врз европската економија да бидат што помали.

6,863

Шокантно делува откритието од најновото истражување на Институтот за демократија Социетас цивилис дека 45 отсто од етничките Македонци би поддржале Евроазиска унија предводена од Русија.

Зарем е можно такво нешто?






И податокот дека перцепцијата за влијанието на Европската Унија опаднала од 34 на 9 отсто заслужува подлабока анализа, која веројатно ќе ја потврди претпоставката дека главната причина за овие драматични осцилации е фактот што ЕУ ја изневери Македонија. Само 13,1 отсто од граѓаните во ЕУ гледаат сојузник на Македонија, за разлика од 2019 година, кога таква перцепција покажале 43,2 отсто од испитаниците.

Сè уште високи 68 отсто од испитаниците ја поддржуваат идејата Македонија да биде членка на ЕУ, но истовремено приближно исто толкав процент не сакаат да попуштат пред главните бугарски уценувачки услови – за јазикот, за ревизија на историјата и за бугарското малцинство во Македонија. Без прифаќање на тие услови нема добрососедство, вели Софија. Без решение на билатералниот спор, нема преговори со Скопје, вели Брисел.

Нема дилеми дека поради ваквата политика репутацијата на ЕУ во нашава земја е трагично нарушена. Македонците веќе го почувствуваа врвното лицемерие на играта со стапот и морковот – стапот го почувствуваа врз својот грб повеќе пати, а морковот што им се нуди веќе е исушен и скапан. Се плашам дека во Македонија одамна е зацврстено мислењето дека не вреди да се поднесат големи жртви за нешто што се вика почеток на преговори за членство во организација чиешто влијание се перцепира како прескромно.

Многу пострашно од ова е сознанието дека европското лицемерие ги доведе Македонците во ситуација со една чудна беневоленција, па дури и со отворени симпатии, да ги дочекуваат идеите за некои идни сојузништва кои битно би ја смениле нејзината геостратешка позиција. Отворен Балкан како понадежна цел од ЕУ, на пример. А да не зборуваме за тоа дека до пред некоја година беше незамисливо половина од Македонците да се палат на проект кој се нарекува Евроазиска унија и на чело со Путинова Русија.

И после сè, навистина не треба да нè чуди отсуството на ентузијазам во Македонија во осудата на руската агресија во Украина. Не е тоа последица на т.н. руски сентимент – кој во Македонија никогаш и не бил силно присутен, ни приближно колку во Бугарија, на пример – туку на чувството на напатените и изневерени Македонци дека и Украина е жртва на европската хипокризија.

Вака размислуваат сè побројните евроскептични Македонци – ако НАТО сакаше да ја заштити Украина, зошто досега не ја прими во своето друштво? Таа земја од 2008 година и формално е апликант. Денес нападот на Русија ќе беше напад врз НАТО, а тоа е нешто што ни самоуверениот Путин не ќе можеше да си го дозволи.

Знаеме дека има мал милион геостратешки и други политички причини поради кои САД и западноевропските земји членки на ЕУ ја оставија Украина во чекалницата на цедило. Знаеме зошто беше нужен Договорот од Минск од 2014 година. Јасно е зошто војници на НАТО нема да војуваат во Украина во оваа војна. Сè е јасно.

Македонците знаат како е да бидеш оставен на цедило од ЕУ и од НАТО. И затоа од нив не може и не треба да се бара да навиваат за Украина и против Русија, дотолку повеќе што тоа навивање е безначајно и ќе се доживее само како една мала, комична епизода во процесот кој порано или подоцна повторно ќе се фокусира на потрага по мир во Украина. Да бидеме искрени, во досегашните преговори на мирот во Украина и не му беше дадена вистинска шанса, за што не е виновен само Путин.

И затоа, македонските официјални личности ќе ги исполнат своите политички обврски кон НАТО и ќе ја осудуваат агресијата, некои јавни личности ќе се натпреваруваат гласот на осудата да биде што посилен, но мнозинството Македонци ќе се молат војната во Украина да заврши што побрзо, со примирје и со траен мир, а последиците од ова лудило врз светската и врз европската економија да бидат што помали.

И луѓето што владеат со Македонија треба добро да размислат за овие две истражувања, изработени во соработка со германската фондација Конрад Аденауер (значи, не се платени со рубљи или со форинти, тоа да биде јасно). Тие покажуваат дека Македонците полека стареат и како такви ја перцепираат светската геостратегија и местото на Македонија во големата слика. За жал, староста (да не речам зрелоста, тој збор ми звучи претенциозно), Македонците ја дочекуваат обезмоќени, уценети, изневерени, излажани, депресивни и дефинитивно неспремни да веруваат во нови бајки.

Велам, луѓето што владеат со оваа земја, а и тие што сакаат да владеат, мора да се соочат со овие тажни вистини за јавното мислење во Македонија. Да не биде утре пак непријатно да се изненадат, можеби кога ќе им биде најважно.

Поврзани содржини