КАЈ ТРАМП ЌЕ ОДАТ И ФОН ДЕР ЛАЈЕН, МАКРОН, МЕРЦ, МЕЛОНИ, СТАРМЕР, РУТЕ… Зеленски ќе бара директни разговори со Путин и безбедносни гаранции за Украина
Украинскиот претседател Володомир Зеленски им се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп и на САД за нивната подготвеност да соработуваат со Европа за да обезбедат безбедносни гаранции за Украина, но нагласи дека „сè уште нема детали за тоа како би функционирало тоа“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска во Брисел имаше средба со украинскиот претседател Володомир Зеленски, за да го договорат заедничкиот настап на утрешната средба во Вашингтон со американскиот претседател Доналд Трамп.
Покрај Фон дер Лајен и Зеленски на средбата со Трамп во Белата куќа ќе учествува и европската „тешка артилиерија“: францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, италијанската премиерка Џорџа Мелони, финскиот претседател Александар Студ, како и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Консултациите меѓу нив се одвиваат вчера и денеска преку видеоврски.
На заедничката прес-конференција по средбата Фон дер Лајен и Зеленски беа прашани за ставот на американскиот претседател Доналд Трамп дека примирјето е непотребно и дека војната може да се запре со склучување мировен договор без прекин на огнот. Трамп претходно рече дека „мировниот договор е поважен од примирјето“ и дека „примирјето не е потребно за да се запре војната“, на што Фон дер Лајен денеска одговори дека „како тоа ќе се нараче и не е важно“.
Убивањето мора да запре
– Важно е каква ќе биде изведбата, а изведбата мора да биде за да се запре убивањето – рече Фон дер Лајен, додавајќи дека „тоа е најважното нешто, без разлика дали го нарекувате примирје или мировен договор“.
Украинскиот претседател и денеска се изјасни дека е клучно Европа да остане обединета како што беше во 2022 година, кога започна целосната руска инвазија, бидејќи само тогаш ќе биде можно да се постигне „вистински мир“.
– Путин има многу барања, но не ги знаеме сите – рече Зеленски, додавајќи дека ќе биде потребно време да се разгледаат, но дека е „невозможно да се направи тоа под притисок на оружје“.
Тој го повтори вчерашниот европски заеднички став дека е потребен трилатерален самит на Украина, Русија и САД, но дека „Русија не покажува знаци дека се согласува на такви разговори“.
– Доколку Русија одбие, тогаш мора да следат нови санкции – рече Зеленски.
Зеленски сака нешто како член 5 во НАТО
Тој им се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп и на САД за нивната подготвеност да соработуваат со Европа за да обезбедат безбедносни гаранции за Украина, но нагласи дека „сè уште нема детали за тоа како би функционирало тоа“.
– Нешто како Член 5 од НАТО, и веруваме дека пристапувањето кон Европската Унија мора да биде дел од безбедносните гаранции – додаде Зеленски.
Претседателката на ЕК беше децидна дека меѓународните граници не можат да се менуваат со сила.
– Само Украина и никој друг не може да одлучува за тоа. Тие не смеат да бидат доведени на маса без тоа – рече таа.
Додаде дека Европската Унија ќе продолжи со санкциите против Русија сè додека продолжува крвопролевањето во Украина.
Фон дер Лајен: Украина цела и во НАТО?!
Таа на крајот ја поздрави подготвеноста на американскиот претседател да учествува во осигурувањето безбедносни гаранции слични на оние во Член 5 од НАТО, додавајќи дека и Европската Унија е „подготвена да придонесе“ и нагласи дека одбраната на Европа е нејзина сопствена одговорност. Меѓутоа, додаде и дека мирот мора да се постигне „преку сила“ и ги наведе главните услови што треба да ги содржи мировниот договор: безбедносни гаранции за заштита на Украина и Европа, зачувување на територијалниот суверенитет на Украина и целосна слобода на нејзините вооружени сили – вклучително и правото да се приклучат кон меѓународни организации и да добиваат помош од други земји.
Мир, гаранции и безбедна Европа
Германската влада соопшти дека темите на средбата ќе вклучуваат „безбедносни гаранции, територијални прашања и континуирана поддршка за Украина во одбивањето на руската агресија, што подразбира и одржување на притисокот со санкции“.
„Патувањето служи за размена на информации со американскиот претседател Доналд Трамп по неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска“, се вели во соопштението од Берлин.
Елисејската палата соопшти дека францускиот претседател Макрон ќе продолжи со координацијата меѓу Европејците и САД со цел да се постигне праведен и траен мир. Овој мир мора да ја зачува безбедноста на Европа и егзистенцијалните интереси на Украина, се додава во соопштението.
Макрон, Мерц и британскиот премиер Кир Стармер заеднички ќе ги предводат разговорите на таканаречената „Коалиција на подготвените“ во 15 часот по македонско време. Коалицијата е неформална група на нации што го поддржуваат Киев против руската инвазија.
Оваа низа активности следува по Самитот на Алјаска во петокот меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. И покрај топлиот пречек на Трамп за лидерот на Кремљ, средбата не донесе напредок во запирањето на војната.
Трамп сака мировен договор
Ставот на Трамп за конфликтот нагло се менуваше, при што во одредени моменти ја обвинуваше Украина за инвазијата, додека во други моменти ѝ се закануваше на Москва со казнени мерки доколку напредокот кон прекин на огнот застане. Вчера, тој за Фокс Њуз изјави дека Украина треба да склучи договор со Русија затоа што „Русија е многу голема сила, а тие не се“.
Трамп, исто така, го отфрли барањето за итно примирје по Самитот, одлучувајќи се за преферираната опција на Путин за целосен мировен договор за завршување на војната.
Европските престолнини, внимателни да не бидат маргинализирани, инсистираат нивните ставови – и оние на Киев – да не бидат исклучени од дијалогот меѓу САД и Русија, кој може да ја обликува долгорочната безбедност на Европа, посочува ДПА. Европските лидери повикаа на итен прекин на огнот како прв чекор кон мир, побараа обврзувачки безбедносни гаранции за Украина и го предупредија Трамп да не им верува на уверувањата на Путин.
Зеленски бара Украина да биде на масата
Зеленски, кој не беше поканет на самитот Трамп-Путин, треба утре да се сретне со Трамп во Вашингтон. Тој инсистира Украина да биде вклучена во сите преговори за нејзината иднина, особено во врска со територијалните прашања.
Последната средба на Зеленски со Трамп во Белата куќа во февруари прерасна во жестока расправија на телевизија во живо. Конфронтацијата доведе до привремено запирање на клучната воена помош на САД за Украина.
Неколку медиуми по Самитот во петокот објавија дека Путин побарал целосна контрола над окупираните источни украински региони Доњецк и Луганск во замена за прекин на огнот. Трамп често ја споменува идејата за „размена“ на територии меѓу Русија и Украина за да се заврши војната. Овој предлог го вознемири Киев, кој категорично одбива да отстапи каква било своја територија на Москва. Трамп изјави дека се надева на крајот да организира трилатерална средба со Зеленски и Путин.
Стармер вчера во објава на социјалната мрежа Икс напиша: „Напорите на претседателот Трамп нè доближија повеќе од кога било до завршување на незаконската војна на Русија во Украина… Иако е постигнат напредок, следните чекори мора да вклучуваат понатамошни разговори со претседателот Зеленски. Патот до мир во Украина не може да се одлучува без него“.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха денеска изјави дека разговарал со неколку свои европски колеги за време на викендот, за да ги координира чекорите пред видеоконференцијата на лидерите. Преку објава на Икс тој посочи дека за да се принуди Русија да ја запре војната, Европа треба да помогне во зајакнувањето на одбранбените способности на земјата и да обезбеди „пакет за одвраќање“ за да се спречи идна руска агресија, што би вклучувало безбедносни гаранции.
Сибиха, исто така, ја нагласи потребата од зголемување на притисокот со санкции, додека Европската Комисија подготвува 19-ти пакет казнени мерки.
ПУТИН ПОБАРАЛ ПОВЛЕКУВАЊЕ НА УКРАИНА ОД ДОНЕЦК? Трамп го поддржал, Зеленски го отфрлил предлогот