Кај нас 11 градови без ковид-19, во светот зема замав индискиот сој
Варијантата Делта за коронавирусoт, што за првпат беше откриена во Индија, веќе е регистрирана во 92 држави. Тоа го објави на брифинг во Женева, Марија ван Керхов, техничка раководителка на СЗО за борба против ковид-19.
Единаесет градови се без активен случај на ковид-19. Коронавирусот го нема во Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Ресен, Берово, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Пехчево, Македонска Каменица и Дојран. А во седум градови има само по еден активен случај.
Според статистиката, досега во светот се заразиле речиси 180 милиони луѓе, починале над 3,8 милиони лица, а оздравеле 163 милиони.
Од Русија вчера пристигна информацијата дека ситуацијата со ширењето на коронавирусот е тешка, регистрирани се лоши тенденции.
Индија од вчера почна бесплатна програма за вакцинација против коронавирус за целата возрасна популација. Според „Тајмс оф Индија“, владата ќе купи 75 проценти од вакцините произведени во земјата и ќе ги дистрибуира меѓу различните држави.
Повеќе од 60 проценти од новите случаи на коронавирус во главниот град на Португалија, Лисабон, се должат на варијантата Делта, што за првпат е откриена во Индија.
Поради стравувањата од зголемување на заразените со тој сој, Лисабон од петокот е во блокада, која заврши вчера. За време на периодот на заклучување, на 2,8 милиони луѓе кои живеат во градот им беше дозволено да ги напуштат своите домови само поради итни причини.
Варијантата Делта за коронавирусoт, што за првпат беше откриена во Индија, веќе е регистрирана во 92 држави. Тоа го објави на брифинг во Женева, Марија ван Керхов, техничка раководителка на СЗО за борба против ковид-19.
– Оваа варијанта на коронавирусот предизвикува посебна загриженост затоа што е позаразна и рапидно се шири низ целиот свет -нагласи таа. Според неа, прелиминарните истражувања исто така покажуваат дека инфекцијата со варијантата Делта го зголемува ризикот од хоспитализација.
– Ќе треба долго време да се контролира ширењето на тој сој – рече Марија ван Керхов. Таа истакна дека некои вакцини се помалку ефикасни против варијантата Делта, но во сите случаи помагаат да се спречат тешка клиничка слика и смрт.
Експертот на СЗО предупреди дека во иднина не се исклучуваат други мутации во коронавирусот што можат да ја намалат ефикасноста на вакцините.