КАЈ ГАЗДА ЃОКО ВО МРЗЕНЦИ Е 0,5 ЕВРА, А ИСТОТО ВИНО ВО ФРАНЦИЈА 250 ЕВРА Македонска смедеревка се продава како француско шардоне
Навистина бев во шок кога дознав дека нашата смедеревка таму се продава за повеќе од 250 евра за шише. Ние истото вино го продадовме за само 50 евроценти - искрено изјави Ѓоко Трпески, сопственик на винаријата која неочекувано се најде во центарот на големиот меѓународен скандал што на необичен начин ги поврза винарите од Франција и Македонија.
Некои познати винари од Бургундија, поточно од регионите Шабли и Монтраше во Франција, наместо со сопствено произведено вино, шишињата ги полнеле со смедеревка увезена од Македонија.
Ова било откриено во заедничка истрага на локалните полициски органи и Европол, при што било утврдено дека во мрежата на фалсификатори на вино биле инволвирани најмалку седум лица, објави српски Блиц.
Според информациите од Обвинителството, тие го набавувале готовото вино од македонската винарска визба „Газда Ѓоко“ од селото Мрзенци. Потоа, го чувале и дополнително го одлежувале во барик буриња за да добие карактеристичен француски стил, по што го продавале како Шардоне од реномирани бургундски производители.
Во одбрана на еден од обвинетите винарски сопственици, францускиот енолог Теле Репомаш, вработен во една од погодените винарски куќи, истакна дека всушност вината од Македонија биле извонредни.
– Едноставно, немаме доволно количество на вино, и никој не зборува за овој проблем! Првпат ја пробавме македонската смедеревка во едно локално балканско бистро додека патувавме кон Грција и сфативме дека тоа е фантастично вино. Тие таму имаат извонредни камени тероари, со впечатлива соленост и минералност. Не можевме да одолееме, особено кога ја видовме цената – рече Репомаш.
Тој дополнително изјави дека бил изненаден кога видел дека жителите на Балканот ова квалитетно вино го пијат измешано со газирана вода, придружено со „некоја плескавица на жар“.
Француските медиуми додаваат дека сопственикот на македонската винарија не бил свесен за понатамошната судбина на неговото вино.
– Навистина бев во шок кога дознав дека нашата смедеревка таму се продава за повеќе од 250 евра за шише. Ние истото вино го продадовме за само 50 евроценти – искрено изјави Ѓоко Трпески, сопственик на винаријата која неочекувано се најде во центарот на големиот меѓународен скандал што на необичен начин ги поврза винарите од Франција и Македонија.
(Едит: Тие што не биле на гозба кај Ѓоко во Мрзенци, инспирацијата за оваа шега, можеби треба да се потсетат дека денеска е 1 април, Светскиот ден на шегата.)