ИЗВОДИ ЌЕ СЕ ВАДАТ ПРЕКУ Е-УСЛУГИ Електронски ќе се вадат и 4 потврди од Фондот за здравство

Во моментот има над 240.000 корисници на Порталот и над 300.000 корисници на Системот за единствена најава, а бројот на услуги е зголемен за 100-120 проценти.

127

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска изјави дека во моментот има над 300.000 корисници на Системот за единствена најава (СЕН), како и над 240.000 корисници на Националниот портал за е-услуги, што, како што рече, е показател дека граѓаните сакаат да ги користат електронските услуги ако тие им ја завршат работата.

– Што се однесува до бројките, во 2024 година ние имавме 120.000 корисници на Порталот, со помалку од половина услуга од корисник. Во моментот имаме над 240.000 корисници на Порталот и над 300.000 корисници на Системот за единствена најава, а бројот на услуги е зголемен за 100-120 проценти. Тоа покажува дека граѓаните сакаат да ги користат електронските услуги ако тие им ја завршат работата. Никој од нас не сака да чека редови и тоа да го прави хартиено доколку може да си извади електронски документ – истакна Андоновски денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање за тоа каква е досега искористеноста на електронските услуги од граѓаните и дали сето ова значи целосно исфрлање на хартијата.






На прес-конференцијата, на која беа претставени четири нови услуги на Фондот за здравствено осигурување, кои од сега се достапни и на Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, Андоновски посочи дека во целиот овој процес се зазема еден стратешки пристап, односно никогаш нема да се дозволи услуги што постоеле на хартија да бидат заменети со целосно електронски услуги доколку тоа не е во корист на граѓаните.

– Ако некој граѓанин смета дека сака да си ја заврши услугата хартиено, таа била нудена на тој начин, тоа ќе продолжи да го прави и во пракса. Што се однесува до новите услуги што ги нудиме, како што беа ваучерите за студентите, намерно стратешки решивме тие да бидат исклучиво преку Порталот за услуги за да ги научиме дека може и треба да го користат, да го промовираме кај помладите – рече Андоновски.

Во однос на услугите од Управата за водење на матичните книги, од денеска, како што рече министерот, тие се целосно мигрирани на Националниот портал, што ќе го забрза нивното користење и се целосно дигитални за разлика од претходно.

– Потврдите, односно извод од матичните книги на родените, на венчаните, на умрените и новата услуга – слободна брачна состојба, од денеска се целосно достапни на Порталот и со неколку клика граѓаните може да ги добијат и тие услуги, што ќе значи поголема ефикасност на Управата за водење на матичните книги и поголема контрола од страна на нас како ресорно Министерство на темпото на издавање на овие услуги – нагласи Андоновски.

Андоновски и директорот на ФЗО, Сашо Клековски, на денешната прес-конференција информираа дека за физичките лица воведени се електронските услуги: потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес, потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа, а за правните лица овозможена е електронската услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување.

 

Поврзани содржини