ИЗВЛЕЧЕНИ ДВАЈЦА ПОЧИНАТИ И 6 ПОВРЕДЕНИ ОД ВАРДАР Спасувачка вежба при поплави (ГАЛЕРИЈА)

Координаторот на ДЗС за големи настани со пожари и поплави, Ивица Наумовски, рече дека овој настан е дел од процесот на едукација на силите за заштита и спасување коишто ги поседува Дирекцијата за заштита и спасување.

1,953

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) денеска на реката Вардар реализираше спасувачки вежби за спасување и извлекување на повредени и починати лица од поплави предизвикани од поројни дождови. Вежбите беа изведени заедно со Воената академија, Градот Скопје, Општина Карпош, Црвениот Крст и Бригадата на Град Скопје и болницата Аџибадем Систина како дел од проект на Еразмус што е под покровителство Европската Унија.

Станува збор за вежби во кои припадници од сите приклучени институции треба да спасат шест лица со повеќе телесни повреди нанесени за време на поплава и да извлечат двајца починати како жртви во случај на поплава.






Заменик директорот на ДЗС Зулфиќар Зејнула информира дека во 35 подрачја на дирекцијата има околу 300 вработени луѓе, но, прашан дали тој број е доволен, тој рече дека кога станува збор за природни непогоди, никој не може да направи точна проценка колку луѓе треба да има во екипите.

Во однос на прашањето дали е научена лекцијата од минатогодишните пожари и дали земјата е подготвена да се справи со такви непогоди, тој одговори:

– Во такви случаи секогаш е потребна помош и од други држави, меѓутоа нормално дека оваа година ќе бидеме поспремни, пред време се преземаат неколку мерки. Низ цела Македонија имаме речиси 15 пожарни, делиме и опреми предвреме, сега ни стаса и едниот авион од Шпанија кој беше на сервисирање, другите се во тек. Се надеваме дека оваа година нема да имаме толку проблеми како лани.

Координаторот на ДЗС за големи настани со пожари и поплави, Ивица Наумовски, рече дека овој настан е дел од процесот на едукација на силите за заштита и спасување коишто ги поседува ДЗС.

На новинарското прашање дали е доволна опремата со која располага Дирекцијата рече дека и опремата никогаш не би била доволна и секогаш ќе фали екстра опрема.

Ни фали опрема којашто можам да кажам дека ги задоволува нашите услови за работа, меѓутоа Дирекцијата работи на база на волонтери со коишто имаме склучено договор. Нашиот ангажман е само нивна координација, ние не гасиме пожар, ние само повикуваме, ги насочуваме, ги координираме нивните активности на терен. Така што што повеќе луѓе се пријават за гаснење пожар толку полесно ќе се справиме со настанот што е пред нас – нагласи Наумовски.

Раководителот на Одделението за заштита и спасување при Општина Карпош Раде Мицковски, кој е и началник на Штабот за заштита и спасување, во изјава за МИА, рече дека улогата на вежбата е во случај на поплава да се спасат што повеќе животи и да се извлечат жртвите ако ги има.

– Денеска се одвива вежбата „Брз одговор“ во организација на ДЗС. Се работи за ненадејна поплава од поројни дождови на северниот дел на Република Македонија, и јужниот дел на Косово. Тоа се поројни дождови што создаваат голема количина на вода, таканаречена „водена бомба“. Преку Лепенец влегува во Вардар, левата и десната страна од Вардар се поплавени и тука настрадуваат пешаци – ја објасни тој вежбата.

Општина Карпош учествува со своја единица од десет припадници на Единицата за заштита и спасување.

– Единицата на Општина Карпош има учествувано на неколку вежби со ДЗС, се обучувала во центарот на Црвен крст во Струга и има учествувано во вистински реални поплави во Србија 2014 година, и поплавите што беа во Скопје 2016 година – нагласи Мицковски.

Поврзани содржини
na