Извини Филипче, ама ти или си будала, или некој опасно те брлави – не ти кажа Зоќе да не се закачаш со мене?!!

Ова е мојот одговор на соопштението на Центарот за комуникации на СДСМ и до Венко Филипче. Некој не го известил, или можеби намерно го втурнал кутриот Венко на „бојното поле“ во лична пресметка со мене и со Плусинфо. И сега, тоа е. Јас, по обичај, нештата ги сфаќам сериозно. Има со туп нож да го кољам...

3,418

Ден после катастрофалниот пораз на СДСМ во првиот круг на локалните избори, во време кога партиските водства ги средуваат впечатоците од изборниот ден и темелно ги анализираат резултатите, Центарот на комуникации на СДСМ нашол мотив, некаква причина и сили да напише „соопштение за јавност“ под наслов „Плусинфо манипулира и одработува за ДПМНЕ, треба да му се извини на Филипче!

Дописот од Центарот ни стаса по електронска пошта нешто пред 14 часот. Очигледно, тоа било прва или една од првите работни задачи на Центарот за глупирање, на партијата во фаза на консолидирање (ако му се верува на лидерот Венко Филипче), односно на победничката партија (ако ѝ се верува на потпретседателката Ана Чупеска). Го прочитав внимателно сроченото писание, во кое СДСМ тврди дека Плусинфо „одработува“ за ВМРО-ДПМНЕ и бара да му се извини на Филипче.






Голема чест ми е укажана со овој атак. И тешка геостратешка грешка на лидерот, ако смеам да го цитирам неговото другарче, поранешниот лидер, полиглот и поет, Зоран Заев.

Што надробил Центарот за комуникации на СДСМ?

Пред да му се извинам на Венкота, редно е да го пренесам тоа писание на Центарот, а потоа да ги информирам читателите на Плусинфо што му одговорив, пред писмото да осамне јавно (јас го видов на официјалната Фејсбук страница на СДСМ). Еве што надробиле дечките:

„Порталот Плусинфо е во целосна функција на пропагандата на ДПМНЕ, и наместо да информира објективно, шири неточни интерпретации и со манипулативни наслови се обидува да извртува вистината од изјавата на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.

На прес-конференцијата, претседателот Филипче јасно и прецизно истакна дека станува збор за ‘резултати од преброени близу 70% од гласовите’, што е проверлив факт, јавно достапен.

Наместо објективно, непристрасно и вистинито да ја информира јавноста, Плусинфо тенденциозно манипулира, етаблирајќи се како мегафон на ДПМНЕ.

Мегафоните на ДПМНЕ не може да го докажат ‘огроменнот триумф’ на ДПМНЕ затоа што бројките покажуваат спротивно, пад од над 140.000 гласа во однос на минатогодишните избори.

Тоа е факт што ниту еден пропаганден наслов не може да го скрие.

Граѓаните заслужуваат точни информации, а не дезинформации во служба на власта. Плусинфо треба јавно да му се извини на д-р Венко Филипче и да ги исправи неточните наводи“.

Тоа е тоа писание.

Бидејќи Центарот за комуникации не знае да контекстуализира (толку им е занаетот), читателите не можат да разберат ни за што зборувал Филипче, ни за што и како „дезинформира“ и „манипулира“ Плусинфо. На авторот на ова глупаво писание најважно му било да каже дека Плусинфо бил „мегафон“ на ВМРО-ДПМНЕ кој шири „дезинформации во служба на власта“.

Добро. Таа работа Центарот си ја завршил најдобро што знае и умее. Од страна на Плусинфо и од мене лично, фактурата за наплата на овој обид да му се нанесе морална и материјална штета на овој медиум ќе му биде испорачана лично на Венко Филипче.

На 70% преброени гласови се соопштуваат само точни и прецизни резултати!

Но, ајде да го видиме прво контекстот, да видиме за што се бунат СДСМ и Филипче. Два часа пред паничната реакција на Центарот за комуникации, Плусинфо објави вест дека во неделата вечер, во текот на пребројувањето на гласовите, Венко Филипче излажал и си додал на контото уште 4 општини. Во текстот, со официјални бројки на ДИК, се докажува дека во трката за градоначалници за Валандово, Чешиново-Облешево, Конче и за Пробиштип, водат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, а не на СДСМ, како што тврдеше Филипче. Ова е тој текст:

ФИЛИПЧЕ ИЗЛАЖА И СИ ДОДАДЕ НА КОНТОТО УШТЕ 4 ОПШТИНИ Во Валандово, Чешиново – Облешево, Конче и Пробиштип сепак водат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ сега се вади со тврдењето дека на прес-конференцијата, претседателот Филипче јасно и прецизно истакнал дека станувало збор за „резултати од преброени близу 70% од гласовите“.

Во возвратното писмо, во кое го известив Центарот за глупирање дека немам намера да ја објавам таа реакција и дека ќе одговорам јавно ако тие го сторат тоа, го објаснив следново:

„Врз основа на преброени 70% од гласовите, а и врз основа на многу помал процент на преброени гласови, вообичаено јавно се лиферуваат точни информации, за тоа кој води и победува, а кој губи на изборите. Таму каде што разликата е мала и е изразена во десетици гласови, такви изјави и тврдења не се лиферуваат јавно. Тоа е вообичаен стандард на однесување на изборните штабови. Не е случајно тоа што за некои резултати, дури и од помалку сериозните изборни штабови, подолго време се чекаше и на првичните и на заклучните резултати“.

Во моето писмо, исто така, дообјаснувам: „Претседателот на СДСМ Венко Филипче во анализите постапи спротивно на оваа пракса и за тоа не може да биде оправдување фактот дека нагласил дека станува збор за податоци само врз основа на преброени 70% гласови. Вашата потпретседателка Ана Чупеска врз основа на тие информации во емисијата ‘Претрес’ на Кристијан Ландов (Прва ТВ) прогласуваше победнички резултати“.

Сите политичари со искуство во изборните штабови, а и многу новинари коишто долго време ги следат изборите (јас лично сум ги следел сите повеќепартиски избори во Македонија, од првите до овие последниве), знаат дека на 20% преброени резултати веќе се препознава трендот што тешко ќе се промени до крајот на пребројувањето, а веќе со пребројани 30% до 40% се знаат и победниците. На излезност од 70% буквално се е познато. Може да бидат непознаница конечните резултати само во ретките случаи, каде што се водат тесни битки. Во таквите случаи, додека не се расчисти сликата, однапред не се прогласува победник или водство. Тоа е непишано правило, тоа е и прашање на елементарната пристојност и сериозност во политичката битка.

Но, раководство на СДСМ на чело со Венко Филипче, ништо од сево ова што го зборувам или не разбира, или можеби разбира, ама не почитува!

Кога се анализираат изборни резултати, не се мешаат баби и жаби

Напротив, ова раководство на СДСМ се впушта во анализа на изборните резултати и врз основа на една сосема погрешна методологија, која доведува до погрешни заклучоци. Сите независни посматрачи, дури и поранешни и сегашни членови и симпатизери на СДСМ, препознаваат дека Филипче глуми лудило и се обидува еден тежок пораз јавно да го прикаже како почеток на некаква консолидација на партијата и причина за негов опстанок на кормилото.

Имено, споредувајќи ги резултатите од првиот круг на локалните избори и резултатите од претходните парламентарни избори – значи, мешајќи баби и жаби! – ова раководство на СДСМ ја убедува јавноста, ги убедува своите симпатизери, а изгледа се обидува да се убеди и себеси, дека губитник на овие избори била ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи наводно „изгубила“ 140.000 гласови од парламентарните избори.

Со најдобри намери, за да го спречам ова јавно глупирање на Венко Филипче, во возвратното писмо до Центарот на комуникации на СДСМ, испратив линк од анализата на Плусинфо, базирана на споредба на сегашните локални избори и претходните. Тоа е оваа анализа:

ШТО ПОКАЖУВААТ РЕЗУЛТАТИТЕ НА БИТКАТА ЗА СОВЕТИТЕ? Апсолутен триумф на ВМРО-ДПМНЕ, катастрофа на СДСМ, а Левица сепак не е водечка опозициска партија

Има некаква смисла да се споредува сегашната битка за општинските совети со битката на парламентарните избори – ист изборен модел (еднокружен, пропорционален), исти партии и коалиции, но и многу нови претенденти. Како и да е, анализата го покажува следново:

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија во трката за општинските совети освои безмалку 302.000 гласови. За споредба, на претходните локални избори, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, освои околу 288.000 гласови на советничките листи. СДСМ во битката за општинските совети сега освои само 125.000 гласови, речиси неверојатни 176.000 гласови помалку од владејачката партија. За споредба, на претходните локални избори, кога советничките листи на СДСМ добија поддршка од околу 238.000 избирачи, таа разлика беше „само“ околу 50.000 гласови. Со други зборови, губитничкото салдо на СДСМ се зголемило за повеќе од 125.000 гласови – ова е клучниот податок што ја покажува тежината на поразот на Бихаќка.

Тоа се единствените релевантни факти и бројки од кои СДСМ може да извлече заклучок како поминал во дуелот со ВМРО-ДПМНЕ во битката за општинските совети. Катастрофа! Следната анализа ќе се прави после две недели, кога ќе ги пребројуваме освоените градоначалнички мандати. Ќе биде тоа уште еден леден туш за Венко Филипче и за неговата екипа, на тие луѓе коишто очигледно имаат изгубено секаков контакт со реалноста. Или само глумат лудило …

Извини, друже, ама штом ја тераш лично – отсега меѓу нас се ќе биде лично!

А сега, ова е моментот да му извинам на Венко Филипче. Го сторив тоа во насловот на овој текст, но ќе повторам:

Извини Филипче, ама ти или си будала, или некој опасно те брлави!

Извини што морам ова извинување – во ваква форма, друга нема! – да ти го упатам лично, но тоа од мене побара твојот Центар за глупирање, претпоставувам на твоја иницијатива, или во најмала рака со твое одобрување.

Твојот претходник и твој ментор, Зоран Заев, знае дека не е баш паметно кога битката со мене се води на ова, така да се каже, лично рамниште. Јас тоа навистина го сфаќам сериозно и така и се однесувам. А после, откако ќе ја претерам и ќе ми замерат дека „премногу лично ги сфаќам работите“, јас навистина немам друг паметен одговор освен – баравте, гледајте!

Навистина, Венко, не ти кажа ли Зоќе да не се закачаш со мене?!

Зошто реши оваа битка да стане лична?

А можеби така е подобро. Ти си опкружен со екипа луѓе кои ги нарекуваш политичари и на кои си им дал звучни функции, а тие немаат поим од политика (чест на некои скромни исклучоци, меѓу кои ти не си – и ти немаш поим од политика). Во твојата екипа имаш божеми експерти за комуникации, а тие, пак, немаат поим како се комуницира со медиуми и со новинари, особено со „тешкаши“ како мене (ако дозволиш малку да бидам суетен).

Ај да не ги мешаме нив, а особено да не ги вознемируваме сите оние чесни и одговорни членови и симпатизери на СДСМ, на кои тешко им паѓа што ве гледаат на Бихаќка вакви никакви, а јас уште и сол на лута рана им дотурам.

Од денес, на „бојното поле“, сме јас и ти, Венко Филипче!

Сево ова до сега беше само шега. Отсега има со туп нож да те кољам, дружe.

Прашај си го другарчето, он знае како изгледа тоа…

Поврзани содржини