ИЗВИНЕТЕ ГОСПОДА, АМА НЕ СТЕ ДОСТОЈНИ ДА БАРАТЕ ОСТАВКА ОД МЕНЕ Неуспешни бугарски политичари сакаат да ги нарушат односите, возврати Николоски
Од мене бараат оставка политичари коишто се обвинети за криминал и корупција, политичари коишто ги видовме на слики како спијат на кревет покрај пачки со злато и стотици илјади евра во девизи. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене? Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене. Жал ми е е што добрите односи помеѓу двата блиски народи, македонскиот и бугарскиот народ, ги уништуваат корумпирани политичари коишто не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза, порача вицепремиерот Александар Николоски.
Би сакал да реагирам во однос на последната хистерија којашто ја создаваат дел од неуспешните бугарски политичари, изјави денеска вицепремиерот Александар Николоски по низата напади од бугарски политичари и барања за негова оставка.
Тој отворено вели дека корумпирани политичари од Бугарија сакаат да ги уништат односите и дека ја користат Македонија како предизборна тема, наместо да одговорат за лошата економија кај нив.
– Непотребно ја внесуваат Македонија во предизборната тематика во Бугарија и најмалку мислам дека Македонија може да е одговор на седмите неуспешни избори со кои се соочува Бугарија. Кризата во бугарското општество е создадена од токму овие политичари коишто наместо да дадат одговор на домашната јавност за високиот степен на корупција и криминал којшто го има во Бугарија, за лошата економија поради која многу заминуваат, тие сакаат да се занимаваат со Македонија. Нивното занимавање со Македонија, всушност покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат Македонија да стане член на Европската Унија, уште помалце да напредува кон Европската Унија. Тие сакаат да ја блокираат Македонија и да ја користат Македонија како своја предизборна тема. Секако ние нема да го дозволиме тоа и јас нема да дозволам било кој да бара изговори во мои изјави или било што друго што се случува во Македонија. Всушност, самото тоа што се вадат изјави од контекст и што лошо се разбираат во Бугарија, покажува дека македонскиот и бугарскиот јазик се различни. Затоа што, она што има еден контекст на македонски јазик, очигледно има друг контекст на бугарски јазик – изјави Николоски.
Но, додава тој, јас останувам позади сѐ што сум кажал, а тоа е дека е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава, а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата којашто ја претставува.
– Нема оправдание за Румен Радев затоа што не го стави македонското знаме при посетата на Гордана Сиљановска Давкова како претседател на Македонија. Дали сакаше да испрати порака дека тие во суштина и не ја признаваат Македонија, што е можеби нивни долгогодишен сон. Ние сме јасни кој сме, ние сме засебна нација, македонска нација, засебен народ, македонски народ. Ние зборуваме свој македонски јазик различен од сите останати јазици, ние имаме своја историја, своја култура. Ние знаеме кои сме и не треба на никого да се докажуваме. А, оние кои што сакаат поинаку да ја читаат историјата, се политичари од деветнаесетиот, а не политичари од дваесет и првиот век. И би сакал нешто да им кажам и на оние политичари коишто бараат оставка од мене. Од мене бараат оставка политичари коишто се обвинети за криминал и корупција, политичари коишто ги видовме на слики како спијат на кревет покрај пачки со злато и стотици илјади евра во девизи. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене? Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене. Жал ми е е што добрите односи помеѓу двата блиски народи, македонскиот и бугарскиот народ, ги уништуваат корумпирани политичари коишто не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза – порача Николоски.
И таков е овој којшто го споменав со пачките злато, таков еден друг којшто важи за голем олигарх во Бугарија и такви се една редица други политичари коишто се корумпирани, а таков е и оној којшто е претседател на Бугарија и којшто немаше минимум пристојност и минимум цивилизациско однесување да стави македонско знаме при посетата на македонскиот претседател, посочи вицепремиерот.
– И затоа е ваква мојата реакција и затоа ќе продолжиме и јас и ВМРО-ДПМНЕ да ги браниме македонските национални интереси. Наша цел е Македонија да напредува, да стане членка на Европската Унија, да го изоди патот кон Европската Унија, но тоа да биде гордо и достоинствено, а не понижени. Ние секогаш ќе ги браниме македонските национални интереси. Ние ништо туѓо не бараме, ама сакаме да го заштитиме нашето – изјави Николоски.
Инаку, претседателот на ГЕРБ Бојко Борисов побара оставка од македонскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски, поради тоа што Николовски завчера Бугарите ги нарече „мизерни“, како и дека Бугарите и Македонците немаат ниту заедничка историја, ниту заеднички корени.