ИЗВЕДЕНА ТРОДИМЕНЗИОНАЛНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА НОС Микрохируршки операции кои траеле од 6 до 12 часа извршени на Клиниката за пластична хирургија 

Под водство на белгиски експерт извршени се две исклучително сложени микрохируршки операции кои траеле од 6 до 12 часа.

731

На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија се извршени две исклучително сложени микрохируршки операции кои траеле од 6 до 12 часа и барале највисок степен на подготовка, експертиза, прецизност и тимска координација. Операциите се извршени под менторство на проф. д-р Јан Јерун Вранкс од Белгија, истакнат европски и светски експерт во областа на реконструктивната микрохирургија и визитинг професор на Медицинскиот факултет во Скопје.

– Овие интервенции се доказ дека кога во нашите клиники се вложува во знаење, современи техники и тимска работа, резултатите се на ниво на најдобрите европски центри. Благодарен сум за поддршката и менторството од проф. д-р Јан Јерун Вранкс и горд на целиот тим на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, затоа што со вакви зафати влијаеме на враќање на довербата во квалитетот на услугите кои граѓаните може да ги очекуваат од јавното здравство – рече министерот за здравство Азир Алиу.






Директорката на Клиниката, д-р  Јасмина Ѓоргиевска Павловска истакна дека интервенциите претставуваат огромен чекор кон развојот на современата реконструктивна микрохирургија во нашата земја.

– Успешно извршените интервенции се уште една потврда за способностите и стручноста на домашниот медицински кадар и на мотивираната соработка со светски експерти како проф. Вранкс, кој нè води и насочува со ентузијазам и амбиција кон една фасцинантна ера за македонската реконструктивна пластична хирургија – рече директорката.

Постоперативно, двајцата пациенти се во стабилна и добра општа состојба.

– Кај еден од пациентите е третиран комплексен дефект на носот по ресекција на тумор. Изведена е целосна тродимензионална реконструкција на носот. Операцијата вклучуваше употреба на ‘рскавица за формирање носна структура и слободен кожен резен кој ги обложува овие структури како и подот на носот, со неопходно спојување на крвни садови под микроскоп. Овој вид реконструкција, изведена во еден оперативен чин, е исклучително редок дури и на светско ниво – појаснува д-р Бисера Николовска, раководител на одделот за микрохирургија и реконструктивна хирургија.

Од Клиниката нагласуваат дека успешните интервенции се резултат на заедничката работа и посветеност на мултидисциплинарен тим составен од: пластични хирурзи: научен соработник д‑р Бисера Николовска, асистентите д‑р Гордана Георгиева и д‑р Благоја Србов, како и специјализантите: д‑р Јасмина Добревска, д‑р Елизабета Мјовска, д‑р Викторија Ончева, д-р Емона Кадриу и д-р Сања Петровска.

Тимот од анестезиологија бил составен од: д‑р Мирјана Бурмузовска, анестезиски техничари: Марјан Трајановски, Хатиџе Исеини и сестри инструментарки Анита Петрушевска и Снежана Чукниева.

 

Поврзани содржини