ИЗВАДЕНИ 157 РИБИ ОД ЗАБРАНЕТИ МРЕЖИ Полицијата фати криволовци кај Калишта

Во ноќна акција на полицијата кај Струга и Калишта, пронајдени мрежи долги 400 метри и нелегално уловена белвица, постапката е во тек.

560

Неколку часа по полноќ полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ спроведоа засилени контроли во водите на езерото, со цел да се спречи незаконит риболов, чест проблем во летната сезона.

Акцијата се одвивала во периодот од 02:00 до 04:00 часот, на подрачјето на Струга и струшкото село Калишта, каде што полициските екипи пронашле две таканаречени „висечки мрежи“ со вкупна должина од околу 400 метри. Станува збор за алат кој е строго забранет за користење при риболов, токму поради големиот ризик за истребување на заштитени видови риби.






Во мрежите биле фатени вкупно 157 парчиња риба од видот белвица, со вкупна тежина од 22 килограми. И мрежите и уловот биле извадени од езерото и транспортирани до полициската станица, каде што ќе се продолжи со натамошна постапка за утврдување на сторителите и можните поврзани незаконски активности.

Од полицијата најавуваат дека ваквите акции ќе продолжат во текот на целата сезона, посебно во ноќните часови кога најчесто се врши криволов. Целта е заштита на рибниот фонд и на природната рамнотежа на Охридското Езеро, кое е под заштита на УНЕСКО.

Поврзани содржини