Изречени казни за маж и жена, државјани на Германија – фалсификувале ПЦР тестови
Во исто време, на обвинетите им е изречена и казна – протерување од територијата на Република Македонија во траење од пет години.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против маж и жена, државјани на Република Германија по потекло од Косово, кои се товарат за кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 став 1 од Кривичниот законик.
– На 22 февруари, на Меѓународниот аеродром Скопје, на граничниот премин при излез од државава, пред овластените службени лица за проверка на пасошите, двајцата сопружници употребиле лажни потврди за негативни ПЦР-тестови за SARS-CoV-2 вирус. Иако знаеле дека потврдите на кои стоело дека се издадени од една лабораторија во Скопје се лажни, тие ги прикажале како вистински – велат од ОЈО.
По признание на вина, Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда за двајцата обвинети, огласувајќи ги за виновни и им изрече условна осуда – казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку обвинетите за време од пет години не сторат ново кривично дело. Во исто време, на обвинетите им е изречена и казна – протерување од територијата на Република Македонија во траење од пет години.