ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА ВЛЕЗЕ ВО ОБЛАСТА КАДЕ ШТО СЕ ЗАЛОЖНИЦИТЕ?! Тенкови гранатирале џамии и куќи во јужниот дел на Деир ал-Балах
Тенковскиот упад и нападите предизвикале десетици семејства што останале во реонот да го напуштат подрачјето, бегајќи кон запад – кон крајбрежјето на Деир ал-Балах и кон соседниот град Кан Јунис.
Израелски тенкови во понеделникот за првпат влегоа во јужните и источните делови на палестинскиот град Деир ал-Балах во Газа – подрачје за кое, според израелски извори, војската смета дека можеби се држат некои од преостанатите заложници од страна на Хамас, објави Гардијан.
Медицински екипи од Газа соопштија дека најмалку тројца Палестинци се убиени, а неколкумина се повредени од тенковски гранати што погодиле 8 куќи и 3 џамии во реонот. Нападот следел еден ден откако израелската војска им наредила на жителите да се евакуираат, најавувајќи борби против милитантите на Хамас.
Овие напади и упадот на тенковите натерале десетици семејства, што сѐ уште биле во областа, да побегнат кон запад, кон крајбрежниот дел на Деир ал-Балах и кон блискиот град Кан Јунис.
Во Кан Јунис, претходно во понеделникот, израелски воздушен напад усмртил најмалку 5 лица, меѓу кои маж, неговата сопруга и нивните 2 деца кои престојувале во шатор, соопштија медицински извори.
Израелските власти засега не дадоа официјален коментар за настаните во Деир ал-Балах и Кан Јунис.
Израелската војска соопшти дека досега не влегла во деловите од Деир ал-Балах, кои беа опфатени со наредбата за евакуација за време на тековниот конфликт, и додаде дека продолжува „да дејствува со голема сила за да ги уништи способностите на непријателот и терористичката инфраструктура во регионот“.
Израелски извори наведуваат дека причината поради која армијата досега се воздржувала од упад во тие области е сомнежот дека Хамас можеби таму држи заложници.
Се верува дека најмалку 20 од преостанатите 50 заложници во Газа се сè уште живи.
Семејствата на заложниците изразија загриженост за своите блиски и побараа од армијата објаснување како планира да ги заштити.