ИЗРАЕЛСКАТА АРМИЈА НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ Семејствата на заложниците ќе ги чекаат своите најмили во Тел Авив

Според директивите на политичкото раководство и во согласност со проценката на ситуацијата, ИДФ почна оперативни подготовки за спроведување на договорот, соопшти израелската армија. Од друга страна, на плоштад во Тел Авив, семејствата на заложниците кои се очекува да ги ослободи Хамас се собираат на славје.

835

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека почнале подготовки за делумно повлекување на трупите од Појасот Газа, како дел од договорот за заложници и прекин на огнот со Хамас.

„Според директивите на политичкото раководство и во согласност со проценката на ситуацијата, ИДФ почна оперативни подготовки за спроведување на договорот“.






Исто така, ИДФ вели дека ќе ги премести трупите на „соодветни линии (во областа) на распоредување во блиска иднина“ и дека „се подготвува за секој можен оперативен развој“.

Семејствата на заложниците кои ги држи палестинската милитантна група Хамас го поздравија договорот за нивно ослободување, опишувајќи го како „важен и значаен чекор напред“ кон враќање на сите заробени дома.

Во соопштение на платформата Икс, Форумот на семејствата на заложниците изјави дека договорот ќе овозможи живите заложници да се обединат со своите семејства, а телата на починатите да бидат вратени за достоен погреб во Израел.

Се очекува договорот меѓу Израел и Хамас поддржан од САД да овозможи враќање на заложниците во следните неколку денови.

Семејствата на заложниците и нивните поддржувачи се собираат на Плоштадот на заложниците во Тел Авив за да го прослават постигнувањето на договорот.

Како што јави Тајмс оф Израел, роднини од различни средини, обединети во последните две години во заедничката кампања за ослободување на своите најблиски, се прегрнуваат и слават.

Еинав Зангаукер, една од најгласните личности во движењето, стои пред огромен часовник што го прикажува бројот на деновите откако заложниците се исчезнати, држејќи табла со натпис: „Часовникот сè уште отчукува“, дури и додека слави што нејзиниот син Матан „се враќа дома“.

Во средината на плоштадот, маж облечен како карикатура на американскиот претседател Доналд Трамп седи на куп жолти столици, симболите на исчезнатите заложници, држејќи израелско и американско знаме и се фотографира со насмеани минувачи.

Поврзани содржини