Израелската војска (ИДФ) синоќа соопшти дека од почетокот на актуелната рунда напади врз Иран уништила околу 300 ракетни лансери, јави ДПА.
Портпаролот на израелската војска, Надав Шошани, изјави дека операциите насочени кон лансерите и ракетните залихи значително придонеле за намалување на бројот на ракети што секој ден се истрелуваат од Иран.
Израел вчера повторно се соочи со неколку предупредувања од ракетни напади. Меѓутоа, според Шошани, Иран сега повремено истрелува само поединечни ракети кон Израел, а не неколку одеднаш, потсетува германската агенција.
Кога во саботата Израел и САД ги започнаа своите напади врз цели во Иран, повеќе десетици ракети беа истрелани од иранска страна кон Израел, рече Шошани.
Иран досега вкупно испукал неколку стотици ракети низ регионот, наведува портпаролот на ИДФ.
Шошани уште во вторникот изјави дека слабее иранската огнена моќ.
За прв пат од почетокот на кампањата, израелската војска соопшти дека гаѓала и воени цели во градовите Исфахан и Шираз, вклучувајќи и ракетни складишта, потсетува ДПА.