ИЗРАЕЛ ИЗВРШИ НОВИ НАПАДИ ВО ЈУЖЕН ЛИБАН Ракетирани се објекти што ги користи Хезболах
Израел и Хезболах се договорија за прекин на огнот во ноември 2024 година по повеќе од една година прекугранични гранатирања, иако оттогаш двете страни постојано меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорот.
Израелските военовоздухопловни сили повторно извршија напади врз инфраструктура на шиитската група Хезболах поддржана од Иран, во Јужен Либан, соопшти рано утрово израелската армија, пренесува ДПА.
Меѓу целите бил и комплекс за обука користен од елитните специјални сили „Радуан“ на Хезболах, соопштија Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Комплексот бил користен „за планирање и извршување терористички дејства против трупите на ИДФ и израелски цивили“, додадоа од израелската армија.
Дополнителни напади биле насочени кон воена инфраструктура на Хезболах и ракетна база, додаде ИДФ. Нема информации за жртви.
„Нападнатите цели и воената обука спроведена како подготовка за напади врз државата Израел претставуваат прекршување на договорите меѓу Израел и Либан и закана за државата Израел“, соопшти ИДФ.
Израел и Хезболах се договорија за прекин на огнот во ноември 2024 година по повеќе од една година прекугранични гранатирања, иако оттогаш двете страни постојано меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорот.
Клучен елемент од договорот за прекин на огнот е разоружувањето на Хезболах, политички чувствителен процес кој со децении не наоѓа решение во Либан, пишува ДПА.
Израел и неговиот северен сосед формално остануваат во состојба на војна. Претседателот на Либан, Жозеф Аун, неодамна сигнализираше дека е отворен за нови преговори со Израел.