📽️ ИЗРАЕЛ ГАЃАШЕ 100 МЕСТА ВО ЛИБАН ВО ЖЕСТОК НАПАД Според Нетанјаху примирјето не важи за северниот сосед

Израел изврши масовни напади врз повеќе од 100 цели во Либан за само десет минути, при што беа погодени и густо населени делови на Бејрут и други региони. Либан пријавува цивилни жртви, вклучително и деца, додека Нетанјаху тврди дека примирјето кое го постигнаа САД и Иран не се однесува на Либан.

169

Серија координирани и интензивни воздушни напади го погодија Либан, при што за само десет минути биле гаѓани повеќе од 100 локации, а бројот на загинати и повредени расте од час во час.

Нападите се случија неколку часа по најавата за двонеделен прекин на огнот меѓу САД и Иран. Пакистанските посредници посочија дека договорот треба да го опфати и Либан.






Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Либан не е дел од примирјето.

Хезболах сè уште не ги коментираше израелските напади. Милитантната паравојска претходно се придржуваше до примирјето.

„100 локации погодени за 10 минути“

Израелската армија соопшти дека станува збор за најголемиот координиран напад од почетокот на офанзивата. Во рок од десет минути биле погодени повеќе од 100 цели поврзани со Хезболах.

Меѓу нив се командни центри и инфраструктура што, според армијата, се користела за напади врз израелски цели.

Нападите биле изведени во Бејрут, долината Бека и јужен Либан.

Центарот на Бејрут под силен удар

Воздушните напади погодиле најмалку три локации во центарот на Бејрут, вклучително и област во близина на крајбрежното шеталиште. Станува збор за едни од најобемните напади врз овој дел од градот во последните децении.

За разлика од други операции, овојпат беа погодени густо населени станбени области во главниот град на Либан.

Снимките покажуваат урнати објекти и густ чад што се издигнува над градот, додека сирените за итни случаи одекнуваат без прекин.

Три девојчиња убиени, напад врз погреб

Либанскиот Црвен крст соопшти дека повеќе од 100 амбулантни возила се распоредени на терен и ги транспортираат повредените кон болниците. Според Либанската Национална новинска агенција 3 девојчиња загинале во напад врз крајбрежниот град Адлун.

Станува збор за дел од десетици синхронизирани напади низ земјата, во кои има голем број жртви.Во одделен напад, израелски авиони погодиле гробишта во селото Шместар во долината Бека.

Најмалку десет лица загинале, а уште четири биле ранети за време на погреб. Спасувачките екипи и медицинските тимови и натаму се на терен.

„Убиени се цивили во станбени зони“

Либанскиот министер за здравство Ракан Насередин изјави дека има стотици мртви и ранети.

– Израел продолжува да ги проширува нападите врз густо населени станбени области, убивајќи невооружени цивили – изјави премиерот Наваф Салам.

Тој ги повика „сите пријатели на Либан“ да реагираат и да ги запрат нападите со сите расположиви средства.

Либанските медиуми јавуваат дека во напад врз Сидон се убиени најмалку осум лица, додека 22 се ранети. Од почетокот на конфликтот, според либанските власти, загинале над 1.500 луѓе, а повеќе од 4.800 се ранети.

ХЕЗБОЛАХ ГИ ПРЕКИНА НАПАДИТЕ КАКО ДЕЛ ОД ПРИМИРЈЕТО МЕЃУ САД И ИРАН Израел продолжува со воените операции во јужен Либан

 

 

Поврзани содржини