„ИЗРАЕЛ ЌЕ УДРИ ПО ИРАН УШТЕ ПОСИЛНО АКО ТРЕБА, НЕМА КАДЕ ДА СЕ КРИЈАТ“ Кац со порака до Хамнеи да не ја тестира трпеливоста на еврејската држава
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, сподели дека пред нападот врз Иран се сретнал со голем број пилоти и ги прашал како се справуваат со можноста да бидат соборени, убиени или трајно заробени на иранска територија. Тие му одговориле дека немаат никакви дилеми и дека се целосно решени да сторат сѐ што треба за да го заштитат Израел. Тој додаде дека Хутите од Јемен скапо ќе платат за продолжените напади врз Израел.
На церемонијата по повод дипломирањето на пилотите од израелските воздухопловни сили, одржана во четвртокот, министерот за одбрана на Израел, Израел Кац, изјави дека дипломираните пилоти се симбол на „долгата рака на Цахал“, која може да удри секаде во Иран – од Техеран, преку Исфахан, до Тебриз, објави Џерусалим пост.
Инаку, Цахал е кратенка за Цва хагана ле-Јисраел, што значи „Одбранбени сили на Израел“ на хебрејски, односно израелската армија.
Тој додаде дека тие се „директна порака до диктаторот (иранскиот врховен лидер Али) Хамнеи и до ајатоласите во Иран за разорната моќ на израелското воено воздухопловство, доколку Иран ја стави на тест трпеливоста на еврејската држава“.
– Нема место каде што ирански функционери, кои му наштетуваат на Израел, можат да се кријат – рече Кац.
Командантот на воздухопловството, генерал-мајор Томар Бар, изјави:
– Го совладавме предизвикот од 1.800 километри и го претворивме Иран од „трета безбедносна зона“ (далечна земја) во „прва зона“ (блиска земја). Воената кампања не е завршена. Подготвени сме повторно да дејствуваме, кога и да биде потребно.
Цахал ќе го нападне Иран ако треба
Министерот за одбрана рече дека армијата е подготвена да нападне повторно и тоа со уште поголема сила отколку минатиот месец.
Тој сподели и лично сеќавање: пораснал во близина на воздухопловна база и вревата од авионите не го плашела – напротив, му влевала чувство на сигурност бидејќи знаел кој го штити.
Пред воздушниот напад врз Иран, Кац имал средби со многу пилоти и ги прашал како се чувствуваат во врска со реалната можност да бидат соборени и убиени или засекогаш заробени во Иран.
– Немаме никакви двоумења. Одлучни сме да направиме сѐ што е во наша моќ за да ја одбраниме Државата Израел – му одговориле тие.
Кац рече дека спектакуларните достигнувања на Цахал во јуни се споредливи со изненадувачките и пресудни напади врз египетското и врз сириското воено воздухопловство за време на Шестдневната војна.
Тој додаде дека Хутите од Јемен скапо ќе платат за продолжените напади врз Израел, вклучително и за нападот од рано наутро во четвртокот.
И покрај уверувањата на Кац во однос на Хутите, Израел сè уште нема пронајдено ефикасен начин за воен притисок кој би ги спречил да продолжат да испукуваат проектили.
Началникот на Генералштабот на Цахал, генерал-полковник Ејал Замир, рече дека подготвеноста и храброста на израелското воздухопловство биле клучни за успехот на операциите против Иран.
Тој подвлече дека смелоста на мисијата не би била можна без исклучително ригорозната обука што пилотите ја поминуваат пред да управуваат со напредните борбени авиони.
Воздухопловството, додаде Замир, исто така, одиграло клучна улога во операциите во Газа, Либан и во Сирија.