ИЗРАЕЛ БЕСЕН, ЕДНО ОД ТЕЛАТА КОИ ГИ ДОБИЛ НЕ Е НА ЗАЛОЖНИК „Тел Авив уценува со затворената граница“, реагираат хуманитарците
Додека властите во Израел се бесни поради задоцнетата достава на телата од починатите заложници од страна на Хамас и наводите дека едно од четирите предадени тела не е од заложник, здравствените организации реагираат дека затворањето на преминот Рафа со Египет Израел го злоупотребува за да преговара со Хамас.
Едно од четирите тела што групата Хамас ги предаде во понеделникот, 13 октомври, не ѝ припаѓа на жртва што била држена како заложник од страна на палестинската група, потврдила израелската војска по обемна форензичка анализа, јави Би-Би-Си.
Меѓутоа, ова не било првпат Хамас да ги измеша телата, пишува медиумот. Во февруари, организацијата ги предала останките за кои тврдела дека ѝ припаѓаат на израелската мајка Шири Бибас и нејзините две мали деца. Но, анализата покажала дека тоа не била таа. Потоа, Хамас го вратил вистинското тело.
Според Договорот за прекин на огнот од Шарм ел Шеик, кој сè уште не е финализиран, групата Хамас признава дека можеби не може да ги најде сите тела на израелските заложници. Во него е предвидено и формирање на посебен механизам за размена на информации, за групата да може да ги предаде сите сознанија за телата што не може да ги лоцира.
Понатаму, Хамас тврди дека дел од телата се под урнатини и побарал дозвола да внесе тешка машинерија за да продолжи со ископувањата.
Но, израелското јавно мислење сè повеќе се гневи поради бавниот процес на враќање на посмртните останки. Владата на Израел верува дека Хамас поседува повеќе тела отколку што досега се предадени.
Како реакција, Тел Авив синоќа се заканил дека ќе го затвори преминот Рафа кон Египет и ќе ја намали хуманитарната помош кон Газа. Веќе следниот ден, цените на основните продукти скокнале на пазарите, јави Би-Би-Си.
На тоа реагирала и организацијата „Medical Aid for Palestinians“. Директорката на организацијата во Газа, Фикр Шалтут, рекла:
– Навистина е скандалозно што Израел ја користи хуманитарната помош како средство за уцена, кога според меѓународното право е должен да ја овозможи – изјавила таа за Би-Би-Си.
Шалтут додала дека досегашната помош што пристигнува е „како капка во океанот“ и ги повикала странските влади да притиснат врз Израел за да ги отвори сите премини и да дозволи итен прилив на помош низ целата Газа.
Истовремено, и Израел доставил тела на палестински затвореници.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопштил дека 45 тела на Палестинци, кои дотогаш биле во израелски притвор, биле вратени во Газа. Според д-р Мохамед Закут, директор на болниците во енклавата, формиран бил тим за идентификација.