Изолацијата го намали бројот на самоубиства во Јапонија за 20%

324

За 20% паднал процентот на самоубиства во Јапонија во април во споредба со истиот месец лани, што е најголем пад во последните пет години и покрај стравувањата дека пандемијата со коронавирусот ќе го зголеми стресот а многу центри за поддршка не работеле или работеле со намален кадар, пишува Гардијан.

Луѓето минувале повеќе време дома со нивните семејства, помалку луѓе оделе на работа, одложувањето на почетокот на учебната година – сето тоа влијаело да се намали бројот на самоубиства.






Во април 1.455 луѓе си го одзеле животот во Јапонија, 359 помалку од лани во истиот месец. Бројот на самоубиства во Јапонија опаѓа откако во 2003 година го достигна врвот со повеќе од 34.000 луѓе кои си го одзеле животот. Лани имало нешто повеќе од 20.000 самоубиства, а најголемиот пад се случил минатиот месец кога всушност се очекувал најголем пораст.
Најголемиот број заразени во Јапонија се изброја во средината на април, со по 500 заразени дневно. Тоа доведе до тоа државата да прогласи вонредна состојба на 16 април, но рестрикциите беа поблаги од тие во другите земји.

Мерките за седење дома ги погодија околу 40% од организациите кои работат на превенција на самоубиствата. Дел од нив биле затворени или работеле со скратено работно време.

Додека генерално опаѓа бројот на самоубиства во изминатите години, расте бројот на самоубиства кај децата поради злоставување и други проблеми на училиште. Почетокот на учебната година во април во Јапонија е особено стресен период за некои, но нејзиното одложување поради пандемијата можеби спаси животи, барем привремено.

– Училиштето е притисок за некои млади луѓе, но овој април нема таков притисок. Децата дома со семејствата се чувствуваат безбедно – вели Јукио Саито, поранешен директор на телефонски сервис за советување при јапонската Федерација Иночи-но-Денва.

Возрасните во време на национални кризи и катастрофи, традиционално не размислуваат за самоубиство, додава Саито посочувајќи на падот во 2011 година кога се случи силниот земјотрес кој доведе до цунами и уривање на нуклеарката во Фукушима.

Уште една позитивна причина е што луѓето кои работат во канцеларии сега не работат толку долго.

Како и да е, економскиот притисок и работата се важни фактори. Годината по азиската финансиска криза во 1997 година покажа рекорден раст од близу 35% самоубиства. Продолжениот економски пад предизвикан од пандемијата може да води кон отскок на бројот, предупредува Саито.

 

Поврзани содржини