Изненаѓени и увреѓени

Шојиќите од ДУИ уверуваат дека во оваа земја помалку ќе се краде и ќе има помалку корупција, партизација и кошкање на непослушните тогаш кога ЕУ ќе ги деблокира преговорите со Македонија. Пред тоа – не бива.

5,567

Изјавата на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп изгледа сериозно ги извади од патики асовите на ДУИ.

Неговата директна порака до лидерот Али Ахмети, искажана во разгвор со него во четири очи, дека „по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар“, ги вознемири првите луѓе на оваа партија.






Веројатно поради општата перцепција дека во овие две години ДУИ е најголем виновник за тој пад. А и поради фактот дека Коп сфатил кој е газда во оваа куќа и со кого треба да разговара за вакви чувствителни работи. Тоа секако не е премиерот во заминување Димитар Ковачевски, кого дури и министрите Фатмири не го есапат за сериозен партнер – ја напуштаат говорницата кога има непријатни прашања (Битиќи), го караат да не држи предавања (Меџити), или му сугерираат што да каже за да не се збуни („како и до сега“, Али Ахмети).

Со својата прецизна и остра изјава, амбасадорот на Холандија упати уште една порака до ДУИ – дел од западните земји знаат кои се главните Шојиќи во оваа земја!

Не е случајно тоа што прв, изненаѓен и увреѓен, изјавата на Коп ја критикуваше шефот на дипломатијата Бујар Османи. Тој се обиде да го искара холандскиот амбасадор, велејќи му дека „блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина за неможноста за постигнување европски стандард за владеење на правото“.

Во комичната, бoжем филозофска расправа за тоа кој е постар, кокошката или јајцето, Османи застана на тезата дека „не можеме да постигнеме европски стандард на владеење на правото без процес на преговори и тие два процеса се меѓусебно поврзани – блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина за неможноста за постигнување на тој европски стандард“.

Народски кажано, Шојиќите уверуваат дека во оваа земја помалку ќе се краде и ќе има помалку корупција, партизација и кошкање на непослушните тогаш кога ЕУ ќе ги деблокира преговорите со Македонија. Пред тоа – не бива.

На Бујар Османи, од разбирливи причини, му е незгодно да каже кој главниот виновник што ЕУ ги блокираше преговорите со Македонија. Тој и оној јадник Бојан Маричиќ останаа последните труби на пропагандата за европската фатаморгана за Македонија, за „иднината“ што ја загрозувале македонската опозиција, руската пропаганда, српскиот свет, хибридните закани, вештачката интелигенција и сите други локалнио и глобални зла на човепштвото, кои нашле уточиште баш во малата Македонија.

Но, во остра полемика со Коп, за вистинските причини за блокадата на ЕУ ќе проговори вицепрмиерот Артан Груби. Ако е прецизно цитиран во медиумите, Груби рекол:

„Се надевам да има сериозна реакција и за Бугарија, за неправедните условувања кон Република Македонија и за блокирањето на европскиот пат од страна на земја-членка на Европската Унија. И се надевам дека ќе има реакција и за непринципиелните барања од нашите соседи во однос на нашата европска и евроатлантска иднина. Моравме да смениме Устав, моравме да го смениме уставното име за да се зачлениме во НАТО, сега мора да ги вметнеме со техничка измена на Уставот и бугарската заедница и други заедници, само за да се зачлениме во Европската Унија. И ниту една друга земја членка нема вакви условувања“.

Аууу! Каква „комитска“ изјава!

Неправедени условувања од ЕУ, непринципиелни барања од Бугарија, сме морале да го смениме Уставот, сме морале да смениме име, сега пак мора да го менуваме Уставот…

Да не станал Артан Груби во меѓувреме војвода?!

Но почекајте, тоа не е сѐ!

Еве што уште кажува Груби:

„Токму господинот амбасадор (мисли на Коп – м.з.) беше еден од најголемите поддржувачи на Катица Јанева и на Специјалното јавно обнвинителство, којашто заврши со милион и пол евра во кеш, заврши во затвор, со пресуда којашто му пресуди така неславно на СЈО, коешто, нели, го измисливме како институција за да ги решава сите злосторства кои произлегуваат од страна на прислушуваните материјали“.

Војводата Груби не кажува, ама се подразбира, нели, дека холандскиот амбасадор не беше единствениот поддржувач на Катица Јанева и на СЈО. Најголеми поддржувачи беа Американците на чело со амбасадорот Џес Бејли. А неспорно е тоа дека Јанева и СЈО самите се избламираа и се искомпромитираа со рекет и со други нелегални активности. За што има правосилна пресуда со затворска казна за Јанева.

Како и да е, јас би ги потпишал овие зборови на Артан Груби, но само под услов да одговори јавно на неколку прашања:

Зошто Али Ахмети и ДУИ не се спротивставија на непринципоиелните барања на Бугарија и на неправедните условувања од страна на ЕУ кон Македонија?

Не сакам да бидам индискретен, но ќе го потсетам Артана дека за оваа работа јас со него и со Али Ахмети разговаравме во Мала Речица уште пред да почне бугарската офанзива на непринципиелни и непријателски притисоци врз Македонија. Можеби Груби се сеќава што ми рекоа тој и Ахмети во таа прилика…

Зошто Бујар Османи ги поткопа позициите на Македонија во спорот со Бугарија, утврдени со собраниската резолуција во 2021 година?

Зошто Бујар Османи и ДУИ две години ги убедуваат Македонците да потклекнат пред непринципиелните бугарски барања? Дека без тоа не сме можеле да преговараме и да одиме напред…

Зошто ДУИ и Али Ахмети енергично го поддржуваа СЈО на чело со Катица Јанева и тогаш кога знаеја дека со злоупотребата на приослушуваните разговори се врши целосна комприомитација на правниот систем и на владеењетоа на правото, што подоцна се потврди со низа укинати судски пресуди, а потоа и со застарени случаи?

Зошто ДУИ и Али Ахмети молчеа за злоделата на Катица Јанева?

Конечно и најважно, мора ли Македонија навистина прво да ги почне преговорите со ЕУ, а потоа да стави крај на корупцијата и на неправото, како што тврди Бујар Османи? Мене таа теза ми изгледа троа недугава…

Пораката на холандскиот амбасадор е јасна и гласна – со вакво ниво на корупција и неправо, Македонија нема шанси да стане членки на Европската Унија.

Нема да ни помогне дури и тоа сите Македонци уште утре да се пишеме Бугари.

Затоа, господо од ДУИ, да не глумиме сега изненаѓени и увреѓени.

После изборите за овие работи, се надевам, ќе водиме малку посериозен муабет…

Поврзани содржини