По повод јубилејот 1.000 години од основањето на Бигорскиот манастир, во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите, на 8 октомври 2020 година, во 12 часот, ќе се отвори изложбата „Од уметничката ризница на Бигорскиот манастир“.
На свеченото отворање на изложбата ќе се обратат акад. Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, и г. г. Стефан, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прва.
На изложбата ќе бидат презентирани дваесетина иконописни дела од ризницата на манастирот, како и дела од применетата и графичката уметност од депоата на музејските институции. Автор на изложбата и на каталогот е д-р Сашо Цветковски, научен советник во Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ.