ИЗЛОЖБА НА ДЕЛА НА РАФАЕЛО САНТИ ВО АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ Почна неделата на италијанскиот јазик

Изложбата ќе биде отворена до 20 декември, а за време на поставката, ќе се организираат и едукативни работилници и предавања, при што се повикани училиштата од сите нивоа во државата.

948

Во Археолошкиот музеј е отворена изложбата Raffaelo: Opera Omnia”, која ги претставува уметничките дела на Рафаело Санти – великанот на италијанската и светската уметност. Изложбата ќе биде отворена до 20 декември, а за време на поставката, ќе се организираат и едукативни работилници и предавања, при што се повикани училиштата од сите нивоа во државата.

Со отворањето на оваа изложба почнува и Неделата на италијанскиот јазик во Скопје.






Според директорката на Археолошкиот музеј, Славица Бабамова, доживувањето на секој од ликовите претставен на портретите е уникатна лична средба со современик или со соговорник, и тоа, како што рече, е најсилната причина поради која се зголемува воодушевувањето и длабоката почит пред грандиозноста на сликарскиот талент на Рафаело.

– Набљудувајќи ги сликите во текот на поставувањето на изложбата последниве денови, единственото што може да се каже е дека зборовите не се потребни. Во рамките на својата стратегија за посебно внимание кон едукацијата на сите возрасни групи и инклузивноста на музејот, а во целосна согласност со заложбите на Амбасадата на Италија во Скопје, за посета на оваа изложба и едукативни работилници се повикани училиштата од сите нивоа во Република Северна Македонија: основни, средни и високи – изјави вчера Бабамова на отворањето на изложбата.

Таа напомена дека соработката, особено во полето на археологијата меѓу нашата држава и Италија ќе се интензивира и во многу блиска иднина.

– За реализацијата на оваа изложба им должиме посебна благодарност на Мирко Мерлетти од РаиКом, на стручниот тим од Археолошкиот музеј: Ирена Колиштркоска Настева, комесар на изложбата, Марјан Јагликовски, извонреден познавач на ренесансната уметност, Мартин Гиевски, Елена Рафајловска, Ива Лабан, Марија Колевска Димишковска, Стеван Илијевиќ, Иванчо Велков, Бранислав Атанасковиќ, Марина Спирова, Наталија Данаилова, Ивица Стојановиќ и Реџеп Беќировски, додаде Бабамова.

Абасадорот на Италија, Андреа Силвестри рече дека овој проект е заедничка иницијатива меѓу италијанското Министерство за надворешни работи и интернационална соработка со телевизија РАИ, и е куриран од еден од водечките уметнички експерти во Италија и пошироко, проф. Антонио Паолочи.

– „Raffaelo: Opera Omnia” не е само изложба. Тоа е патување низ времето, низ емоции и изрази на личности прикажани толку верно од магичните раце на Рафаело. Минатата година Италија ја прослави 500 годишнина од неговата смрт. Починал многу млад, но успеал да остави неизбришлива трага во историјата на уметноста – рече Силвестри.

Оваа изложба, како што рече амбасадорот, претставува патувачка колекција со високо технолошки квалитет на внимателно избрани репродукции од 14 портрети направени од „il Grande Maestro”.

Тој додаде дека благодарение и на модерните дигитални музејски технологии, во холот на Археолошкиот музеј е поставена т.н видео коцка што ќе ги води посетителите низ животот и делата на сликарот, запознавајќи ги со вечните вредности на скапоценото уметничко наследство од минатото”.

Премиерот Зоран Заев на отворањето на изложбата вчера порача дека соработката со земји како што е Италија, е пример како треба да соработуваат и земјите на Балканот за креирање на една заедничка и убава иднина за сите наши граѓани.

– Рафаело, со Леонардо Да Винчи и Микеланџело,  се големото тројство на италијанската ренесанса. Од вечерва сите ќе ја имаме привилегијата низ репродукциите на дел од неговите портрети и дигиталната изложба за делата на Рафаело, да ја доживееме уште еднаш неговата грандиозна уметност. Нашата држава и Република Италија редовно потпишуваат програми за соработка во областа на културата, образованието и науката, и испишуваат нови страници за соработка и запознавање и преку уметниците и културните традиции на двете земји – додаде премиерот.

Според премиерот, Италија во исто време е и една од земјите кои многу силно го поддржува и претставувањето на културите на другите на нивната културна сцена.

– Нашата земја секоја година, во рамките на чествувањето на Свети Кирил во Рим, има свои денови за презентација на македонската култура и традиција, a во изминатите години имавме впечатливи претставувања и на Биеналето во Венеција – рече Заев.

Поврзани содржини