ИЗЛЕЗОТ Е ВО БРЗИ ИЗБОРИ За Мицкоски новата влада содржи ликови чии политики беа поразени

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во новата влада има и невпечатливи министри, чии портфолија кажуваат дека таму се дојдени како чувари на заевизмот и како слепи послушници.

296

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во изјава за Дојче Веле, за предлог составот на Владата вели дека во неа се наоѓаат истите ликови чии политики беа поразени на последните локални избори, но и ликови кои што воопшто не се впечатливи, додавајќи дека на овие позиции се дојдени како чувари на заевизмот и како слепи послушници.

– Сега во оваа влада се наоѓаат истите ликови чии политики беа поразени. Го имате Љупчо Николовски кој беше задолжен за антикорупција во времето кога оваа влада на сите скали е на првото место по корупција. Повторно министер е Маричиќ, кој е познат по неправдите и хаосот во правосудството и монтираните случаи кои завршуваат со неспроведување на правдата. Во владата продолжува да биде министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е главниот бранител на мафијата и во чие време се случија најголемите скандали поврзани со разни шверцови, пасоши, нерасветлени убиства и слично. Министер е и Битиќи, кој ќе остане запаметен по фијаското во економијата, инфлацијата, високите цени во маркетите, ниските плати – изјави Мицкоски.






Од друга страна, според него, има и невпечатливи министри, чии портфолија кажуваат дека таму се дојдени како чувари на заевизмот и како слепи послушници.

– Министер е и професорот Тупанчески, кој би било добро да го чуеме што мисли како добар правник за главното барање на Алтернатива кое е дел од договорот со СДСМ – за реотворање на случаите „Монструм“ и другите правно утврдени случаи – додаде Мицкоски.

Тој смета дека оваа влада ќе биде само континуитет на претходната влада на Заев без нова свежина и енергија, без план и стратегија, укажувајќи дека единствен излез од сегашната криза се нови предвремени парламентарни избори.

– Ова е влада која е континуитет на таа на Заев, без нова свежина и енергија. Влада која ги има и истите ветувања како и Заев, без план и стратегија – како понатаму. Истите зборови и истите флоскули. Оваа е влада каде формално стои СДСМ, а реално е предводена од ДУИ, потпомогната со триото ЛДП, ДОМ и ДС, кои поради сопствениот комодитет поддржуваат влада на криминал. Затоа излезот е избори што побргу, сериозни реформи за излез од кризата, и борба за нова иднина – вели Мицкоски.

Поврзани содржини