Излез од бугарскиот лавиринт: Зошто Македонија мора да се самозаштити во преговорите со ЕУ
Зошто уставните измени без самозаштита дополнително го проблематизираат наместо да го олеснат нашиот европски пат?
Дежурните кревачи на паника секогаш се јавуваат во погодни моменти да алармираат дека ако сега не го искористиме „прозорецот на можности“ (т.e. уставните измени), тогаш и Албанија ќе нѐ претрка за во ЕУ. Оваа логика упорно избегнува да признае дека бугарската позиција не е тактичка или моментална, туку е формално кодифицирана во нивната Национална рамковна позиција и Парламентарната декларација што ја обврзува секоја идна влада да поставува историски и идентитетски услови.
Велат ќе останеме со Косово и Босна последни во возот. Само никогаш немаат идеја да кажат што по уставните измени? Прашањето потоа не е дали Бугарија ќе стави вето, таа сама се обврза да става вето сѐ додека не се исполнат нејзините очекувања од Вториот записник на меѓувладината комисија, каде што, на пример, се „охрабрува“ историската комисија да ја заврши целокупната работа до влезот на Македонија во ЕУ. Тоа не е став на една влада, туку државно конзервирана политика што опстојува низ различни политички гарнитури; преговарачката динамика станува саморепродуцирачка, бидејќи секој следен чекор повторно ја активира истата логика на условување.
Но, не мора ни толку далеку да гледаме. Записникот „охрабри“ прашањата од историјата за средниот век да бидат завршени до средината на 2023.
Веќе е крајот на 2025, Комисијата се нема помрднато од таму каде што беше во 2022. Оттаму, секој аргумент дека уставните измени ќе го „отклучат процесот“ игнорира дека самиот записник создава механизам на условување – еднаш поставен услов што не е исполнет во целост може да се повикува пред секое ново поглавје, без временско ограничување и без надворешна арбитража. Еве, да речеме, веднаш да се усвојат уставните измени и да се отвори првиот кластер, Софија уште следниот ден може да рече дека поради долг застој во работата на Комисијата таа не може да се согласи на отворање нови поглавја. Потоа ќе бара „видлив напредок“ во работата на комисијата за да ги отстрани „своите резерви.“ Тој „видлив напредок“ може да го толкува како затворање редица прашања од Комисијата пред да даде согласност за продолжување на преговорите. И за тоа ќе најде сериозна подлога во Записникот. Записникот не е само политичка алатка, туку документ кој е експлицитно поврзан со самата преговарачка рамка под точка 5 преку формулацијата за „annual reviews and measures for effective implementation under Article 12“ од Договорот за добрососедство – а токму тие годишни прегледи и мерки се записниците, вклучително и Вториот записник. Со тоа, записниците се де факто претворени во оперативен елемент на пристапниот процес, и Софија може легално да ги користи како услов за секоја следна фаза. Таквото сценарио не би било ниту преседан ниту изненадување, бидејќи првото вето во 2020 веќе беше оправдано токму со „недоволен напредок“ на Комисијата – категорија доволно еластична за Софија секогаш да ја приспособи на своите моментални политички потреби.
Што прогнозираат кревачите на паника во едно такво, многу веројатно сценарио? Дека земјите-членки овој пат нема да ѝ прогледаат низ прсти на Софија? Тоа нема да се случи. Упатените добро се сеќаваат какви напори правеше германскиот министер Рот за време на германското претседателство да се разубеди Софија, без никаков успех. Французите не успеаја да ја разубедат Софија туку успеаја сите нејзини барања да станат дел од процесот преку вториот записник, она што го прави процесот крајно заплеткан и сосем непредвидлив. Ова јасно покажува дека прашањето одамна ја надмина класичната европска дипломатија: Бугарија го третира како дел од својот идентитетско-безбедносен наратив, а таквите позиции во ЕУ речиси никогаш не се менуваат преку надворешен притисок. Затоа Софија се согласи на наводното тргнување на ветото, но под услов прво да се промени уставот, добро проценувајќи дека таков услов под сите овие околности нема да наиде на консензус во Македонија.
Кревачите на паника можат да приговорат дека во таков случај ние може самите да се повлечеме од преговорите, како и што впрочем веќе изјавуваа претходно. И што тогаш сме постигнале? Сме го смениле Уставот и потоа сме се повлекле од преговорите поради новото вето? Како би ни била таа позиција поповолна од сегашната? Со Бугарите во уставот се создаваат формални механизми Бугарија уште подиректно да се меша во внатрешните работи (и самиот договор за добрососедство во тој дел е целосно асиметричен – Софија може да се меша за „своите државјани“ во Македонија, на пример). Имено, со внесувањето на Бугарите во Уставот, секое тврдење за заштита на нејзини „права“ станува легитимирано преку преговарачката рамка, создавајќи уште поасиметричен правен контекст кој Софија може да го користи како траен инструмент за нови условувања.
Сосема можно и многу веројатно е Софија да бара механизми сите оние што зеле бугарски државјанства, за кои тврди дека се преку 100.000 на број, да се регистрираат или третираат како дел од бугарскиот народ наведен во Уставот и да бара сите административни и статистички податоци да ги усогласуваме со таа бројка, а не со бројката од 3.500 според пописот.
Ова не е само претпоставка. Во официјалното соопштение на МНР на Бугарија од 31 март 2022 јасно стои „…дека постои драстична неусогласеност помеѓу лицата [запишани како Бугари во пописот] и над 100.000 државјани на Северна Македонија кои … поднеле документи со кои го докажуваат своето бугарско потекло“. Во таков контекст, усогласувањето со нивните претпоставки, наместо со нашите официјални статистички податоци, би создало длабока институционална ранливост, затоа што би го нарушило целиот систем на пописни, демографски и административни политики. Овде нема дилема дека би постоеле механизми да се наложуваат такви барања и да се воведуваат нови услови во текот на преговорите, кои ќе бидат под постојана закана на вето.
Затоа крајно неодговорно е само да се алармира и да се создава страв во јавноста дека ако сега не се направи ништо следи апокалипса. Ниту едно од сценаријата не води кон брзи преговори како оние на Албанија. Па дури и да замислиме дека веднаш ќе се направат уставни измени, преговорите да одат брзо, за неколку години формално да се завршат, без исполнување на очекувањата на Софија за историјата и идентитетските прашања, нема сила што ќе ја натера да ратификува наше членство во ЕУ. Токму тогаш, кога сме најблиску до крајот, бугарското вето станува најмоќно средство за притисок, затоа што цената на повлекување за Македонија би била највисока. До тој момент процесот веќе би бил длабоко вложен на секое ниво – политичко, административно и дипломатско – и многу е веројатно дека за да се стигне до самата завршница Македонија би морала постепено да се приспособува на секое следно барање од Софија. Во такво сценарио државата може да остане заглавена во чекалницата на ратификацијата со години, додека не се исполнат сите очекувања што Бугарија ги има зацртано во својата Национална рамковна позиција. До тогаш многу геостратешки околности ќе бидат променети, затоа што ЕУ ќе влезе во фаза на редефинирање на проширувањето, носењето одлуки и безбедносните приоритети, а позицијата на Македонија во таков поредок ќе зависи од тоа дали влегува како функционална држава со стабилно дефиниран уставен и институционален идентитет или како држава која, уште во пристапниот процес, прифатила обврски што создаваат простор надворешни актери да ја толкуваат нејзината демографија и идентитетски категории, вклучително и преку инсистирање дека десетици илјади државјани мора да се третираат како дел од бугарската заедница како уставна категорија, спротивно на официјалниот попис.
Прашањето, секако, е каков е излезот од оваа ситуација. Излезот не е во чекање и непреземање ништо. Македонија мора да направи чекор, а тој чекор мора да ја намали, а не да ја зголеми нејзината изложеност на билатерални условувања. Тоа значи две можни патеки. Првата е да се отфрли делот од Вториот записник што го прави напредокот на преговорите зависен од работата на историската комисија и од други идентитетски барања кои не се дел од европското право. Втората е да се пристапи кон процес на уставни измени, но не со барање гаранции од Бугарија или од ЕУ, туку со самозаштитен модел во кој измените би биле условни. Постои спектар можни модалитети. Еден од нив е уставниот закон да предвиди дека доколку преговорите не се завршат во разумен рок и доколку Македонија не биде примена заедно со првите следни членки, измените автоматски да излезат од сила. Тоа би ја префрлило одговорноста за билатералните блокади во ЕУ, наместо Македонија трајно да остане заробена во билатерални услови.
Ова, се разбира, влегува во судир со сегашните обврски не само со Заклучоците на Унијата, туку и со Вториот записник, кој во точка 3, став 1 категорично наведува: „Владата на Република Северна Македонија се согласува следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство на Република Северна Македонија да се одржи откако во сила ќе влезe измената на Уставот…“. Но токму затоа изборот меѓу двете патеки мора да биде јасен и аргументиран. Ако се оди по патот на уставните измени, уставниот закон може да содржи транзициски и условни одредби, вклучително и клаузула што го поврзува важењето на уставните промени со напредокот во пристапните преговори и самото членство како краен исход. Таквата формулација е уставно дозволена и не е во спротивност со европското право, бидејќи уредувањето на внатрешниот уставен поредок е целосно во надлежност на државата. Условеноста би претставувала механизам за самозаштита кој автоматски би се активирал доколку, и по промената на Уставот, процесот повторно биде блокиран.
Што се однесува до другата патека – анулирањето на деловите од Записникот што создаваат постојана условеност – тоа би барало јасна институционална иницијатива: преку одлука на Уставниот суд или преку политичка акција на Собранието со која Владата би била задолжена да иницира ревизија на тие делови во рамките на националната преговарачка позиција и во комуникација со Европскиот совет. На тој начин би се отстраниле елементите кои не се засновани на европското право, а кои овозможуваат неограничено билатерално блокирање.
Авторот е доктор на политички науки и универзитетски професор
Извор: solucija.mk