ИЗГРАДБАТА НА БРЗАТА ПРУГА ЌЕ ПОЧНЕ НА КРАЈ НА ОВАА ИЛИ НА ПОЧЕТОКОТ НА СЛЕДНАТА ГОДИНА Еден финансиер веќе се пријавил
Премиерот Христијан Мицкоски информира дека физибилити-студијата е завршена и сега е во фаза на ревизија.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува до крајот на оваа година или на почетокот на идната да биде ставен камен-темелник за проектот „Брза пруга“ на Коридорот 10, кој треба да се реализира во рамки на Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија.
Тој информира дека физибилити-студијата е целосно завршена и е во фаза на ревизија, а во однос на финансиери за проектот рече дека има еден. Мицкоски, како што рече, не очекува „никакви турболенции“ што би влијаеле врз реализацијата на проектот поради промените во британската влада.
-Ние сме оптимисти дека до крајот на годината ќе поставиме камен-темелник. Летово ќе поработиме на договорот со заемодавателот, со потенцијалните изведувачи ќе имаме компетитивен дијалог, така што очекувам, ако биде сè како што треба, или оваа година на крајот или рано на почетокот на следната. Не очекувам да имаме никакви турбуленции поради промените во британската влада. Сепак, тоа е сериозна држава и тукутака институционалната меморија не се менува, приоритетите не се менуваат визави кадрите коишто се во владата – изјави Мицкоски по посетата на општина Бутел и почеток на изградба на затворен базен.
Во однос на другите проекти за кои треба да гарантира владата на Велика Британија во рамки на Стратешкиот договор, претседателот на Владата рече дека можеби во здравството „ќе излеземе од рамката на оние гаранции што ги имаме со британската влада и ќе одиме директно со кредиторите“.
-Бидејќи таму добиваме услови, кога ќе се земе грант-компонентата, можеби покомпетитивни од тие коишто би ги имале со Договорот за стратешко партнерство. Правевме анализа, цениме дека условите што меѓународните финансиски институции ни ги дадоа за Клиничката болница Штип, болницата во Кичево, Клиничката болница Тетово, Медицинскиот факултет Штип и Студентскиот дом во Штип се можеби и подобри од тие што ги имаме во Стратешкиот договор со Велика Британија – додаде Мицкоски.