ИЗГОРЕ КОМБАЈН СОСЕ ЖИТОТО Пожар меѓу карбинските села Долни Балван и Трогерци
Пожарот настанал откако се запалил комбајн кој жнеел јачмен, по што огнените јазици зафатиле и дел од неожнеаното жито.
Меѓу селата Долни Балван и Трогерци во Општина Карбинци опожарен е комбајн и поголема површина неожнеано жито.
Командирот на Територијалната Противпожарна едница (ТППЕ)-Штип, Благој Ренџов за МИА вели дека пожарот настанал откако се запалил комбајн кој жнеел јачмен, по што огнените јазици зафатиле и дел од неожнеаното жито. Повикот до нив е пристигнат околу 14 часот, а во моментов е изгаснат и пожарникарите се вратени од терен.
-Комбајнот е опожарен, за среќа имале противпожарен апарат и не дозволиле да биде зафатен целосно, но пожарот се проширил и по ожнеаниот дел, но и по житото кое требало да се жнеее, околу 20 хектари се зафатени, вели Ренџов.
Пожарот го гаснеле осум пожарникари со три противпожарни возила. Ренџов вели дека денеска имале и уште една помала интервенција во градот Штип.