Утрово изгаснат е пожарот во „Глобал“, десетици дуќани и тезги се пеплосани

1,135

Пожарот, кој избувна синоќа по 23 часот во Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица е изгаснат рано утринава, а на одредени места во внатрешниот дел, каде се сместени поголем број тезги и продавници се уште тлее и повремено се појавуваат мали пламени јазици.






Од тоа што може да се забележи на местото на пожарот, изгорени се повеќе од десет продавници, внатрешниот дел каде е сместен пазарот и тезгите во најголем дел е изгорен, зафатен е супермаркет во внатрешноста, а пламените јазици зафатиле и делови до третиот кат од трговскиот центар.

МИА утрово затекна купишта изгорен материјал, стока, вода на сите страни, а местото го обезбедува екипа на ТППЕ Струмица, која внимава да не дојде до нов пожар и интервенира на местата каде се појавуваат пламени јазици.

Неколкумина сопственици на продавници и тезги само немо посматраа во објектот и не беа расположени да дават изјави.

 

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, рече дека материјалната штета е голема, а за среќа нема повредени.

Според него, синоќа во гаснењето учествувале и противпожарни екипи од околните градови и возила на ЈПКД „Комуналец“.

Според очевидци, пожарот веднаш се проширил.

– Почна на почетокот од првиот дуќан и брзо се прошири. Мојот бутик е целосно изгорен и во него имаше стока од над 20 илјади евра – рече сопственик на бутик.

Местото на пожарот го обезбедува полицијата и приодот околу него е обележан со лента.

Засега не се знаат причините за пожарот, во кој е причинета голема материјална штета.

Поврзани содржини