Издадени се над 100 илјади домашни платежни картички
До крајот на неделава ќе се испечатат сите картички предвидени со иницијалната листа. Од следната недела, се очекува да се печатат картичките по уважените приговори.
Над 100.000 домашни платежни картички во вредност од девет милиони евра се издадени на граѓаните, објави министерката за финансии Нина Ангеловска на својот Фејсбук профил.
Таа информира дека матичните броеви од граѓаните кои поднеле приговори се испратени до институциите што извршуваат проверка дали истите ги исполнуваат условите поставени во Уредбата.
– По извршените проверки ќе информираме за граѓаните чии приговори се прифатени и истите ќе бидат додадени на листата на граѓани на кои им следи поддршка и соодветно распределени во банките издавачи – вели Ангеловска.
Според неа, банките забрзано работат на печатење и издавање на #ДомашнаПлатежнаКартичка. До сега се персонализирани и испечатени над 250.000 картички. До крајот на неделава ќе се испечатат сите картички предвидени со иницијалната листа. Од следната недела, се очекува да се печатат картичките по уважените приговори.
– Сите кои ги исполнуваат поставените критериуми во уредбата ќе ја добијат финансиската поддршка преку домашната платежна картичка – вели Ангеловска.