Секторот за инспекциски работи на Општина Центар во соработка со полицајци од ПС Центар и пазарни инспектори утринава спровеле вонреден инспекциски надзор за отстранување на дивите препродавачи околу Зеленото пазарче, соопшти Општина Центар.
Граѓаните кои живеат во зградите и околината на пазарот до општината во повеќе наврати поднеле жалби и барања за отстранување на препродавачите.
Заради препродавачите, слободното движење по тротоарите е многу отежнато, а целиот простор е полн со смет и ѓубре кои тие го оставаат зад себе, велат од Центар и потенцираат дека оштината ќе спроведува редовни акции се до конечно отстранување и прекинување на оваа пракса.
– Од дивите препродавачи се жалат и пазарџиите кои регуларно си закупуваат тезга во затворениот дел од пазарот. За да може некој да продава на јавен простор треба да си има уредна документација. Секој оној што не поседува соодветна документација е подложен на контрола и санкција – изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.