Избрани проектите за награди на конкурсите за зрел и млад уметник
Одлуката ја донесе стручна комисија во состав: проф. д-р Мишко Шуваковиќ, Арта Буњаку Агани и Роман Урањек.
Националната галерија соопшти дека добитник на наградата на конкурсот за зрел уметник е Роберт Јанкулоски, а на конкурсот за млад уметник се наградени Дарко Комненовиќ и Викторија Поповска.
Одлуката ја донесе стручна комисија во состав: проф. д-р Мишко Шуваковиќ, Арта Буњаку Агани и Роман Урањек која, како што соопшти Националната галерија, имала мошне слични ставови во изборот на кој му претходел процес на селекција по принцип на оценување на предложените апликации од комисијата, сумирани резултатите и дискутиран финалниот избор.
Победниците на конкурсот, еден зрел и двајца млади автори, ќе добијат простор во објектот Мала станица за реализација на своите проекти, како и продукциски трошоци за изведбата на проектот и авторски хонорар. Изложбите се закажани за ноември и декември годинава.
Наградениот Роберт Јанкулоски (1969) на Конкурсот за зрел уметник има импресивна уметничка кариера, а сите негови фотографии, како што наведува комисијата во образложението, се директен израз на личното искуство, а со тоа и документ за времето и просторот.
– Неговиот предлог за изложба во Мала станица се однесува на соочувањето со моментот на свесност, живеењето во историско време, означено од вирусот Ковид-19. Секој уметник во исто време е хроничар на времето во кое живее, а досега е докажано дека е можно да се реконструира историското време преку уметничките дела. Неговото истражување за Србија, Грција и Македонија преку природата е поврзано со традицијата на теми од пејзажот и, во исто време, со традицијата на грдото и автентичното во современата уметност. Предлогот покажува дека изложбата ќе биде направена во однос на специфичниот амбиент на галеријата и ќе овозможи да се ужива во спектаклот наменет за гледачот, се наведува за наградениот Јанкуловски, кој во 2000 година го основаше Македонскиот центар за фотографија.
Наградениот на Конкурсот за млад уметник, Дарко Комненовиќ (1990), е визуелен уметник кој работи во контекст на постскулпторско дело. Неговите истражувања и конструкции ги поврзуваат скулпторските, амбиенталните и технолошките влијанија. За неговиот предложен проект „Капсид i20“, комисијата посочува дека е одличен пример за тековниот уметнички и естетски одговор на противречностите, антагонизмите и отуѓувањата својствени на глобалната криза предизвикана од Ковид-19.
– Уметникот луцидно го покажа потенцијалот за трансформација на модерното општество и важните односи меѓу поединци и односи меѓу поединци и колективи, поединци и институции и институции и институции. Уметникот предложил сложени човечки, политички, комуникациски и, со тоа, когнитивни процеси, ефекти и ситуации, кои се испровоцирани од човечката состојба во кризни пандемски моменти…., образложи, меѓу другото, комисијата.
За Викторија Поповска (1992), исто така наградена на Конкурсот за млад уметник, комисијата посочува дека зборот „хибрид“ е многу важен за опишување на нејзините дела и дека најавува подлабоко истражување во рамките на човечкиот елемент и неговото влијание врз животната средина.
– Предложениот проект за изложба на Конкурсот за млади автори започнува од гледна точка на репатриран уметник и се однесува на загадената околина во нејзината татковина. Како и во претходните дела, таа инсистира на зачувување – презервација. Проектот е привлечен во пристапот, каде протагонистите веќе не се играчи на улоги, туку стануваат учесници во проект што ќе резултира со инсталација направена од ѓубре собрано од нив. Во време кога иднината е непозната и кога уметноста се обидува да ги сруши подигнатите sидови, уметнички проект со фокус на заедницата може да има позитивен ефект врз бурното општество…, наведува комисијата во образложението за проектот на Поповска.
На конкурсот за млад уметник проекти доставиле 23 уметници, а на конкурсот за зрел уметник учествувале 10 уметници/уметнички групи.
– Поради интересот на уметниците и квалитетот на добиените апликации, како и вклучувањето на независна меѓународна комисија при изборот на победниците, овој професионален конкурс ќе стане традиционален проект што Националната галерија ќе продолжи да го одржува и во иднина, соопшти Националната галерија.