Изборниот законик стокмен со препораките на ОБСЕ, виси изборниот модел
Комуницираме со политичките партии околу евентуална измена на изборниот модел. Не сум сигурен дали ќе имаме време до наредната недела да постигнеме некаква согласност за промена на изборниот модел за локалните избори, вели министерот за правда Бојан Маричиќ.
Очекувам најдоцна наредната недела да имаме финален текст на Изборниот законик поврзан со имплементацијата на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ.
Прашањата поврзани со функционирање на ДИК, финансирањето и медиумската покриеност на партиите, посочи Маричиќ, е сè решено и во голема мера се имплементирани препораките на ОБСЕ/ОДИХР, поради што не остава простор повеќе од наредната недела за постигнување договор за промена на изборниот модел.
– Во меѓувреме комуницираме со политичките партии околу евентуална измена на изборниот модел. Не сум сигурен дали ќе имаме време до наредната недела да постигнеме некаква согласност за промена на изборниот модел за локалните избори. Сè уште има мали шанси и ќе продолжи комуникацијата и во наредните неколку дена, меѓутоа не сакаме да одлагаме премногу бидејќи веќе датумот за изборите се ближи и не би сакале да има премногу блиску до изборите промена на изборниот законик – изјави Маричиќ.
Доколку, нагласи тој, не успееме да дојдеме до договор за промена на изборниот модел за локалните избори, дијалогот ќе продолжи и ќе пристапиме кон процес за подготовка на нов Изборен законик, каде, како што посочи, ќе се дискутираат и решаваат и политичките прашања за кои сега е тешко да се постигне согласност.
– Има уште мала шанса, но немам некои преголеми очекувања во делот на изборниот модел – изјави денес Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања на отворањето на Конференцијата за ефикасност на работата на судиите и судската администрација.