Изборни програми без екологија?

Како што немаме резервна татковина, немаме ниту резервна територија за евакуација, во случај на еколошка хаварија!

608

Ми фали екологија во изборните програми, макар како заложба. Да видиме дека некој помислил на животната средина и сметал дека не е неважно каков воздух дишеме, каква вода пиеме и какви плодови од почвата јадеме. Дека квалитетот на животната средина прави разлика меѓу здрав и болен, задоволен и незадоволен, Македонија и некоја друга земја без еколошки проблеми.

Зборувам врз основа на она што партиите досега го соопштија како свои приоритети на делување и она што  медиумите го извадија како најактуелни теми за граѓаните. А таму екологијата и животната средина не ги чувме. Чувме за големите и важни теми како корупција, плати, пензии, судство, здравство, образование, меѓународна политика. И тоа СЕ важни теми, без наводници. Ама без екологијата се некомплетни, зашто таа е присутна во секојдневните грижи, испреплетена со многу од важниве теми, но останува во втор план при перцепцијата на граѓаните и нивното изјаснување за најгорливите проблеми.






Но, останува фактот дека ниедна друга тема не собрала кумулативно толку граѓани на протести како животната средина во последниве децении. Почна со еколошката револуција на група еко-активисти во Велес пред 20 години, против намерите за рестартирање на старата ‘рѓосана топилница што му донесе толку болести и лични несреќи на градот, со кулминација во 2011 кога цел град излезе на улица, а транспарентот за затворање го носеа претставници на партии и од власта и од опозицијата.

Слични масовни еколошки протести се одржуваа со години во Скопје и Тетово, како градови со најголемо индустриско загадување со ПМ-честички, поттикнати од интензивната урбанизација и уништувањето на зеленилото. Посебна еколошка епопеја се протестите против отворањето опасни рудници во близина на местата на живеење и плодните ниви во Југоисточна Македонија, почнувајќи од 2016, кога се собираа илјадници екологисти од целата земја.

Имаше и безброј локални борби против дивата депонија во Русино, против  мали хидроцентрали на Шара што ги сушат планинските реки и уништуваат се живо во нив и околу нив, против каменоломите што им ги рушат куќите и ги гушат со прав луѓето од Лабуништа, против топилница среде лозје во Неготино иницирано од лозарите и винарите, против загадувањето од стариот рудник за антимон во Лојане и многу други.

Некој ќе рече, ова се локални теми за локални избори, а сега се занимаваме со големи теми што ги решава Владата и Собранието. Не е така, зашто токму овие две институции одлучуваат за државните приоритети, што пак повлекува соодветни одлуки за распределба на буџетските средства, обезбедување грантови и поволни кредити за довршување на нашата еколошка трансформација и праведно решавање на енергетската сиромаштија, но и за зајакнување на капацитетот на некои клучни институции. Сево ова ќе ни донесе одржливо управување со природните ресурси и со вкупните текови на економијата, но и здрав живот со чист воздух, води и почви.

Како што немаме резервна татковина, немаме ниту резервна територија за евакуација, во случај на еколошка хаварија!

Нема решавање на еколошките проблеми и здрава животна средина со потценувачките 0,8 отсто од државниот буџет! Ниту со избегнување да се донесат нови закони за контрола на индустриски емисии, заштита на водите, зачувување и зголемување на урбаното зеленило, како и со непочитување на законите за природа, минерални суровини, инспекција во животната средина. Само нови еколошки хаварии може да настанат ако не се обезбедат еколошки параметри во новата Стратегија за рударство што се спрема и ако се дозволи изградба на рудници во дворовите, во нивите, покрај водите и во заштитени подрачја. Сево ова се еколошки приоритети зад кои треба да застане идната Влада.

Се до последниот ден пред гласањето, има време да се внесат еколошките приоритети во програмите, да се дадат ветувања и да се преземат  обврски за квалитетот на живот на граѓаните. Партиите се на потег. А следниот потег ќе биде на граѓаните, најмалку на оние 65.308 што на локалните избори 2021 гласаа за независните листи, во најголем дел еколошки. Ова е влог и за големата и важна тема за национално обединување на граѓаните, зашто ниедна друга тема нема таква обединувачка моќ, без политички, етнички или верски вкус и мирис.

Поврзани содржини