ИЗБОРНА ПРОГРАМА НА ВМРО-ДПМНЕ „ПЛАТФОРМА #1198“ Полноправно членство во ЕУ и стратешко партнерство со САД основни приоритети во надворешната политика

Во делот на европските интеграции и дилемата на граѓаните е што ќе се прави со спорот со Бугарија, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски посочи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, а тоа е дека нема уставни измени под вакви услови.

1,506

Основен приоритет на нашата надворешна политика ќе биде полноправно членство на Република Македонија во Европската Унија. Една работа која што ќе ја прави идната влада е Македонија да биде држава која што ќе биде силно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика. А исто така клучен приоритет ќе ни биде негување на стратешкото партнерство со САД, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски на денешната програмска дебата насловена Дипломатски хоризонти – Реформи во политичкиот систем, стратегии за надворешната политика и дипломатија посветена на ЕУ на која се презентира програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Платформа #1198“.

Муцунски потенцираше дека приоритети кои што треба да ги испорача нашата дипломатска мрежа е веднаш да се направи евалуација на работата на нашите дипломатски и конзуларни претставништва, односно како што рече тој да се види кој какви резултати постигнал и доколку не постигнале резултати тие кадри треба да бидат отповикани и на нивно место да бидат поставени професионални, стручни и компетентни лица.






– Во делот на приоритети кои што треба да ги испорача нашата дипломатска мрежа, односно една работа која мора веднаш да ја направи е евалуација на работата на нашите дипломатски и конзуларни претставништва. Знаеме за попустливоста на МНР, знаеме за стратешките грешки. Но, огромен дел од проблемот е што Македонија во моментот има катастрофална дипломатска мрежа. И затоа прво ќе треба да се направи евалуација што правата во својата работа нашите амбасадори и конзули за кои што се издвојуваат значителни буџетски средства, кој резултати ги постигнале, дали тие успеале да донесат некој инвеститор кој што отворил работни места во Македонија. Врз основа на таа евалуација потоа ќе цениме дали некој постигнал резултати, а тие кои не постигнале резултати ќе треба да бидат отповикани, и професионални, стручни и компетентни кадри да седнат на нивно места. И во таа смисла како приоритет ќе биде економската дипломатија, научната дипломатија, образовната и културната дипломатија. Оние аспекти на надворешното политичко работење кое носат добро за граѓаните на Република Македонија – потенцираше Муцунски.

Во делот на европските интеграции, дилемата на граѓаните е што ќе се прави со спорот со Бугарија, посочи Муцунски, истакнувајќи  дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, а тоа е дека нема уставни измени под вакви услови.

– Нашиот став што го имаме до сега бил кристално јасен. Под вакви услови ние не прифаќаме уставни измени – рече Муцунски.

Тој додаде дека за ВМРО-ДПМНЕ легитимна алтернатива е да се бара одложната примена на уставните измени, како и гаранција од ЕУ за македонскиот јазик и идентитет, но и гаранција дека нема да има повеќе билатерализација на европската интеграција на Македонија.

-Без никаков сомнеж одложната примена на уставните измени е една легитимна алтернатива која што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено од наша страна ќе има гаранции од ЕУ за македонскиот јазик, идентитет, но и гаранција дека веќе нема да имаме билатерализација на европската интеграција на нашата држава – рече Муцунски и заклучи дека доаѓа крај на попустлива надворешна политика.

– Она што треба да го знаат нашите сограѓани е дека доаѓа крај на попустлива надворешна политика, која имаше само една цел во последните години, а тоа е да ги штити тесните интереси на оние што беа на власт – рече Муцунски.

Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека оваа Влада пропушти да го искористи веќе воспоставениот механизам Агенција за привлекување на странски инвестиции.

– Што ќе направиме ние? Прво, ќе се направи координација меѓу Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и МНР. Тимот во амбасадата ќе се зајакне со економски промотор. Второ, за да имате мотивиран тим мора и амбасадорот да е тој кој ќе ја има најсилната мотивација да ја претставува државата и не може да има амбасадори кои направиле штета на националните интереси. Ќе спомнам еден пример, тоа е со амбасадорот во Рим во ек на најголема криза со патните исправи која настана поради неспособната Влада, тој неовластен од никого упати дипломатски нота до италијанското МНР со која македонските пасоши ги прогласи за невалидни. Такви лица треба веднаш да се отповикаат. И не е само овој, има уште неколку што треба да се отповикаат – рече Милошоски.

Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање потенцираше дека надворешната политиката која ќе ја води ВМРО-ДПМНЕ ќе биде на силни македонски позиции и дека интерес на сите е Македонија да има отворени врати таму каде што се носат клучните одлуки на светската политика.

– Македонија мора и треба да води македонска политика. Политиката која што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја води ќе биде на силни македонски позиции. Интерес на ВМРО-ДПМНЕ, на Македонија и на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија е Македонија да има отворени врати – рече Ѓорчев.

Поврзани содржини