ИЗБОРИТЕ ВО СДСМ ПРЕД БОЈКОТ? Засега само 3.000 членови на партијата се пријавиле да гласаат

Сител открива дека СДСМ се соочува со тешки проблеми пред изборите на 30 јуни.

1,661

Само околу 3.000 членови до сега се регистрирале да гласаат на внатрепартиските избори, дознава Сител, додека членството на партијата брои нешто околу 80.000 социјалдемократи.  Висок паритски извор за Сител открива дека членството е незадоволно од изборот на кандидати за наследник на Ковачевски, па шпекулациите во круговите на СДСМ се дека планиран е тивок бојкот на внатрепартиските избори.

Раководствата на општински организации оделе дотаму што ги убедувале членовите да не се регистрираат за гласање. Регистрирањето пак трае уште 5 дена, односно се затвора на 20 јуни.






Дека изборот на нов лидер на СДСМ пред сериозен предизвик, сведочат и апелите на социјалните мрежи за активна регистрација, а неофицијално на членството им биле испраќани пораки за да се стимулира нивна активна регистрација.

“Почитувани членови на ОО СДСМ

Потсетуваме и замолуваме членовите кои сè уште не се пријавиле, да дојдете во просториите на општинската организација и да пополните и поднесете Пријава за активна регистрација за член за вонредните избори за Претседател на СДСМ.”

Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски без да прецизира колку членови се регистрирани да гласаат за нов лидер на СДСМ, вели дека нема бојкот и дека изборите ќе се одржат во фер и демократска атмосфера.

Поделбата на крила во СДСМ не е непозната појава. Таа е изразена и пред овие внатрепартиски избори. Според информациите на Сител, најкритично е скопското крило. Тие стојат на ставот дека не треба да се брза со избор на ново раководство, бидејќи според нив е потребен кадровски дисконтинуитет на претходното раководство, со оглед на тоа што сметаат дека структурата околу поранешниот лидер Зоран Заев според изворите е најголемиот виновник за епскиот изборен пораз на СДСМ.

Па така, за кандидатот за нов партиски лидер, Венко Филипче што е еден од најблиските соработници на Зоран Заев, осамна транспарент “Венко (Заев) за вас вратата е затворена”, пред партиските простории во општина Аеродром. Набрзо потоа од партијата демантираа и кажаа дека друга политичка структура стои позади транспарентот, a не СДСМ.

Превирањата во партијата се пренесуваат и во пратеничката група на СДСМ во Парламентот. Околу носењето на законот за реорганизација, пратениците блиски до Заев сакале да го поддржат со образложение дека и Владата на СДСМ уште пред 7 години подготвувала сличен предлог, но немале 2/3 мнозинство да го донесат. На ова се спротиставил координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски, бидејќи според него било недозволиво да се даде поддршка после критиките за молчењето на пратениците на СДСМ на конститутивната седница, пренесува Сител.

Изборот на новиот лидер на СДСМ е најавен за 30 јуни. На минатите внатрепартиски избори, Димитар Ковачевски беше избран со нешто над 37.000 гласови, односно 86% од активно регистрираните членови.

Поврзани содржини