Изборите се последна шанса за македонизмот

Новата власт ќе мора да го менува Уставот, доколку веднаш не ги откаже договорот и протоколите со Бугарија, со што паѓа и преговарачката рамка. Во спротивно, и на домашен, и на меѓународен план, земјата ќе ја доведе во целосна блокада.

867

ВМРО-ДПМНЕ, којашто речиси според сите процени ќе биде новата власт, нема да има право на грешки. Ако не ги исполни очекувањата, жртва ќе биде македонскиот народ. Затоа, клучното прашање е – со каква програма ќе излезе опозицијата на следните избори?

Тогаш ќе знаеме на што сме. Ќе се види дали ВМРО-ДПМНЕ нуди спас и излез од тунелот во којшто се наоѓаме. Или, сè ќе се сведе на обична промена на власта, и нешто малку повеќе.






Нејзините лидери се свесни за катастрофалната ситуација во која се наоѓаат државата и, особено, македонскиот народ. Не е јасно, меѓутоа, дали се тие подготвени за радикални чекори, коишто единствено можат да донесат промени? Странците, сигурни ќе ги спречуваат во тоа. Ако се обидат, пак, со козметички приспособувања, трајно ќе се посрамотат.

И површна анализа на состојбите во Македонија и, нагласено, на нејзината катастрофална меѓународна позиција, покажуваат дека маневарскиот простор на новата власт ќе биде крајно ограничен. Ќе имаат само две реални опции.

Првата, и единствена по многу што, е да се направи целосен пресврт на досегашните погубни политики. Ако сакаме да ги прекинеме уцените со коишто сме соочени, и блокадите во коишто се наоѓаме, ќе мора веднаш да се откажат договорот за (не)пријателство со Бугарија и двата катастрофални протоколи. На тој начин, автоматски се елиминира и неприфатливата и срамна преговарачка рамка на ЕУ, којашто, во голема мерка, се базира на вториот протокол. Со тоа, отпаѓа и ултиматумот за промена на Уставот.

Така, нема директно да се конфронтираме со ЕУ, и ќе отвориме простор за нови релации со Брисел, базирани на принципи. Ќе следува и отворање на нормална процедура на преговори за членство. Истовремено, ќе можат да се градат и добрососедски односи со Софија, само на реципрочна основа.

Предизвикот е апсолутен и нема веќе простор за затскривање и манипулации, како што прави сегашната власт (2023). Новите, ќе мора што по итно да се изјаснат – ги прифаќаат ли договорите со Бугарија а, преку нив и преговарачката рамка, или не? Ако не ги оспоруваат, и немаат намера веднаш да ги откажат, ќе мораат да се соочат со последиците.

Ако не се елиминираат причините, новата власт ќе мора многу бргу да го менува Уставот. Во спротивно, ќе доживее тежок и целосен пораз. Ќе ја доведе земјата во безизлезна положба. Во целосна блокада. Императив на новата власт ќе биде веднаш да ги прекине, и надмине, сите досегашните капитулантски политики, понижувачки за суверена земја.

Со оглед дека промената на Уставот е самоуништувачки потег за македонскиот народ и државата, а преговарачката рамка, таква каква што е, не дозволува членство во Унијата, дилеми не би требало да има. Изборот сам се наметнува. Дали ќе биде така, ќе видиме.

Од друга страна, пак, ако понизно и како нечии слуга, сегашната опозиција се одлучи за промена на Уставот, а не за откажување на капитулантските договори со Бугарија, ќе се негира самата себе и ќе го загуби целиот рејтинг кај народот.

Во сите овие размислувања и анализи, клучно е новата власт да сфати дека, со оваа преговарачка рамка, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Таа е намерно така формулирана за да може Софија без проблеми да го спречи нашето членство. Освен, се разбира, доколку се откажеме од самите себе и се согласиме дека сме неосвестени бугарчиња и зборуваме бугарски дијалект. Никако поинаку.

Во целина, ситуацијата во Македонија е далеку од нормална, од секој аспект, и нема никаков простор за рутинско преземање на власта. Ножот е до коска. Македонизмот е животно загрозен, и нема веќе простор за никакво одлагање на суштински промени, особено, во надворешната политика.

Ние сме на потег. Народот очекува длабоки промени и нема да прифати никакви нови срамни компромиси, колебања и тактизирања. Тоа, помина.

Откако ќе се смири ситуацијата со Бугарија, новата власт ќе мора да започне и со постепена ревизија на Нивици. Тој случај е покомплициран и ќе мора повнимателно да се третира, ама без премногу да се одложува.

Втората опција е новата власт да не бранува многу, за да не се вознемирува странскиот фактор, којшто нè уништува, еве, веќе преку четврт век. Нема да се зафати со суштинските предизвици, туку ќе започне со некакви постепени промени на домашен план, преку соодветни реформи.

Таквата политика нема никаде да води бидејќи се наоѓаме во ќорсокак, од коишто не се излегува туку, така. Клучните проблеми се на надворешно – политички план, а не на домашен. Државата е блокирана и уценета. Реформите се потребни, и максимално мора да се спроведуваат ама, барем сега, иднината не ни зависи од нив туку, пред сè – од надвор.

Непростлива грешка ќе биде ако се подлегне на притисоците на странците, и се продолжат досегашните недоветности. Македонија е онеправдана, измалтретирана, понижена, исплукана, згазена …, и нема веќе простор за двоумење. Сето тоа ни се случува долги 30 години, и мора одлучно да се реагира. И на секој полуписмен човек мора веќе да му биде јасно дека сите наши страдања се резултат на потврдени интереси на странскиот фактор, координирани со соседите.

Името во ООН, не ни го суспендира некаква Грција, туку главната светска сила. Истата, не нè признаваше долги години, нè прекрсти и ни ги наметна сите други капитулантски договори. Од Привремената, преку Охридскиот рамковен до Пржинскиот. Од заедничката историја со Бугарија и македонскиот јазик според Уставот, до Тиранската платформа и Нивици. И зад сегашните уцени на Софија, повторно стои истата таа. Ако некој тоа не го разбира, треба да се тргне од политиката.

Угоре, високо, удолу, длабоко. Со голтање кнедли, не се стигнува никаде. До сега, Македонија така се однесуваше, и ништо не постигна. Во НАТО, не примија затоа што тоа беше нагласен американски интерес, против Русија. Не, заради нас. Досегашните капитуланти, предолго ја играа таа улога и доживееја бројни и срамни порази. И ние со нив.

Лидерите на опозицијата добро знаат дека интересот за ЕУ е општ, и сè уште голем кај нашите граѓани, што воопшто не е лошо. ЕУ беше и останува сон за сите. Ориентацијата не е спорна и треба максимално да се работи на членството, ама е апсолутно неприфатлив начинот на којшто до сега се водеше процесот. Не може цената да биде разнебитување на Македонците како народ. Радикалните промени се неопходни и неизбежни, токму затоа. Ако новата власт не го сфати тоа, и нам, и нејзе, лошо ни се пишува.

Македонското општество има уште една рак рана. Тоа се меѓуетничките односи. Сите сме упатени едни на други и мораме заедно да живееме.

За таа цел, меѓутоа, мораат да се воспостават објективни начини и методи за соживот и меѓусебна соработка, базирани на општоприфатени принципи и меѓусебен респект. Секоја друга пракса е опасна, и не води на арно. Големодржавните амбиции се погубна опција за сите. Најмногу за Албанците.

Факт е дека сите овие години, на еден, или друг начин, политичарите на Албанците во земјава, максимално ја користеа, ама и злоупотребуваа, поделеноста меѓу Македонците. Со разни потези и маневри, успеваа да истераат политички отстапки, коишто не само што беа непринципиелни, несоодветни, некоректни туку и нелегитимни, и надвор од најшироката меѓународна политичка пракса. Најчесто, тоа се постигнуваше преку соодветни уцени на македонските политичари, коишто беа заинтересирани само за добивање или задржување на власта. За ништо друго.

Новата власт ќе мора да стави крај и на оваа нечесна пракса, за која се виновни пред сè – Македонците. Мора да се договорат правила за меѓусебно однесување, без уцени. Тоа е клучен услов за успех на нашето заедничко општество. Кога едниот злоупотребува, го бара нереалното или има скриени планови, долгорочен мир во куќата – не е можен. Таквите намери и практики мора јавно да се дискредитираат бидејќи се на штета на сите граѓани.

 

Поврзани содржини