„ИЗБИРАМЕ ПРЕТСЕДАТЕЛКА, А ‘НЕВЕСТА’ САМИ СИ БИРАТЕ“ Активист на СДСМ ја навреди Силјановска Давкова, Пендаровски и Кузеска не го осудија говорот на омраза

На овој инцидент синоќа прва реагираше Марија Митева, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатка за пратеник од ИЕ 1. Таа ја прозва Богданка Кузеска, портпаролката на СДСМ, дека не реагирала правилно на навредите кон Силјановска Давкова искажани од активистот.

799

Пендаровски е извор на говор на омраза, тој се смееше и аплаудираше додека активист на СДСM ја навредуваше Силјановска со сексистички коментари. Пендаровски наместо да го земе микрофонот и да го укори неговиот поддржувач и да се извини и на присутните и на гледачите, тој ги слушаше навредите кон Силјановска, реагира ВМРО-ДПМНЕ по инцидентот што се случи синоќа на митинг на СДСМ во Куманово, кога активист на СДСМ рече „од баба невеста не бидува“.

„Ваквиот сексистички и мизогин однос на активистите на Пендаровски и СДСМ кон Силјановска е директно поттикнат од Пендаровски, кој со својот примитивен балкански мачоизам веќе две недели ја навредува Силјановска. Говорот на омраза и навредите кои ги почна Пендаровски сега го следат и неговите поддржувачи. Токму поради ваквиот примитивен однос на Пендаровски тој ќе остане само поранешен претседател. На Македонија не ѝ требаат луѓе за претседател кои покажуваат сила врз жени. На Македонија ѝ треба претседател кој ќе ги почитува сите, и ќе ја брани државата“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.






На овој инцидент синоќа прва реагираше Марија Митева, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатка за пратеник од ИЕ 1. Таа ја прозва Богданка Кузеска, портпаролката на СДСМ, дека не реагирала правилно на навредите кон Силјановска Давкова искажани од активистот.

„Уште пред да почне кампањата кажав дека нема да ме изненади малициозноста на СДСМ и дека нема да покажат ништо ново. Најостро ги осудувам сексистичките навреди кон кандидатката за претседател професорката Гордана Силјановска Давкова кои беа искажани од активист на нивниот митинг во Куманово, пред целокупната јавност, во присуство на Пендаровски. Колешке Кузеска, ја слушнавте навредата и со насмевка на лицето го земавте микрофонот, па се прашувам како прво Ви дојде да кажете ‘мислам дека тоа е сѐ, наместо да осудите? Разочарувачки, многу неочекувано дека како жена нема прва да замолите да ги оставиме навредите на страна. Но, власт во заминување е најстрашна и најлоша власт, изгубен ви е компасот. Јас и професорката гордо ќе ве поздравиме!“, напиша Митева.

Следуваше реакција и од Жаклина Пешевска, кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од ИЕ 2.

„Подолу не можете да отидете! Го пробивте дното! Да се смеете и аплаудирате на говор на омраза кон жена, покажува колку сте уплашени! Баш таа жена, Гордана Силјановска Давкова ќе ве победи! А вие ќе останете на ѕидот на срамот!“, напиша Пешевска.

За Антонијо Милошоски е многу ниско тоа што „Пендаровски нарачува ваков говор на омраза кон проф. Силјаноска Давкова со омаловажување на жената преку возраста“.

„Дури и кога очекуваш изборен пораз, треба да бидеш достоинствен и човечно да се однесуваш кон конкуренцијата, со должна почит кон сите кандидати, особено кон дамите. Борбата за рамноправност меѓу жените и мажите не е само парола, туку и личен пример кој треба да го покажат на дело сите јавни личности и функционери. А ова што вечерва го одобри и премолчи Пендаровски е пример како не треба да постапи никој друг политичар, воспитан маж и џентлмен“, напиша Милошоски.

Благица Ласовска, кандидат за пратеник од ИЕ 3 од ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите невладини организации, кои се борат за местото на жените во политиката, гласно и недвосмислено да ги осудат говорот на омраза и ејџизмот.

„За оваа навреда, очекувам уште вечерва, да се извинат Стево Пендаровски, Богданка Кузеска, Јована Тренчевска како претседателка на жените на СДСМ. Ги повикувам NDI, Сојузот на жени, сите форуми на жени, Македонско женско лоби, ова е типичен пример за тоа, како не треба! Сите вие, кои аплаудирате на мизеријава која ја искажа дотичниот, а Стево и Богданка не се оградија, во истиот момент треба да ви е јасно дека, избираме претседателка, а „невеста“, сами си бирате. Бедноо, многу бедноо. И за крај, со глупостиве толку нѐ  мотивирате, што победата толку ќе биде голема и силна, што ќе ве здоболи, па дури и „невестите“ дома нема да ве препознаат, од изразите на вашите лица. Бидете така. Иде надојден Вардар! Стево, ова ли е Европски?“, напиша Ласовска.

Според Рашела Мизрахи, кандидат за пратеник од ИЕ 3, Пендаровски од ден на ден сѐ подлабоко се нурнува во длабочините на бездната наречена очај, ментална беда и некултура.

„Жалам што еден професор, доктор на науки и каков и да е ‘претседател на татковината’ минативе години, во борбата да не се отсели од Македонија, зашто како и самиот што вели ‘да не бев претседател и јас ќе заминев’, ниту бира начин, ниту средства, ниту пријатели! Настапот на овој ‘човек’ помина без осуда, ниту прекор од насмеаниот ни наскоро поранешен претседател! ‘Таткото на нацијата’ за глас повеќе стигна до дереџе да другарува со срамот, нискоста, дрскоста и женомрзците! Алал нека е пензијата поранешен претседателе, ова е далеку од државничко однесување, нека ви служи на чест“, додаде Мизрахи.

Според Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, навредите кон Силјановска Давкова ги потврдиле паниката и стравот од пораз кои владеат кај Пендаровски и СДСМ.

„Исценираните и однапред договорени прашања и одговори од страна на идната опозиција, кои изобилуваат со навреди кон професорката Гордана Силјановска Давкова дефинитивно ја потврдуваат паниката која владее помеѓу нивните редови. Се удираат во гради дека се за ЕУ и дека се прозападни, но од тие вредности немаат ништо, голема нула! Со ваков говор ги навредија и политичарите од западот, од ЕУ… Дали се свесни? До крајот на кампањата уште што треба да очекуваме?“, праша Димитриеска Кочоска.

 

 

Поврзани содржини