ИВИЦА ТАЛЕВСКИ НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АСОЦИЈАЦИЈАТА ЗА РУДАРСТВО Ќе се подготвува стратегија за доверба кон рударството
Новиот претседател на МАР најави и изработка на стратегија и конкретен план за делување на МАР во наредниот период, чија цел ќе биде зајакнување на довербата во рударската индустрија.
Развој на рударскиот сектор согласно највисоките принципи за заштита на животната средина, поддршка на заедницата и интензивирање на соработката со сите релевантни партнери, најави Ивица Талевски, директор за одржливост на рудникот САСА, кој беше едногласно избран за нов претседател на Македонската асоцијација за рударство (МАР) на Стопанската комора.
– Рудникот САСА од каде што доаѓам е пример за успешна деловна приказна базирана на одговорно работење, заштита на животната средина и градење на цврсти врски со заедницата. Овие принципи се темел, не само на САСА, туку на целата рударска индустрија, а како претседател на МАР ќе настојувам оваа пракса да биде основа за сите компании кои делуваат во овој сектор, бидејќи нема дилема дека сите имаме една заедничка цел – одржлив развој. Но, развојот на нашите компании и целата индустрија е невозможен без паралелен развој на заедницата, па затоа ќе се залагам токму оваа врска да биде уште повидлива за да создадеме успешна приказна и за компаниите и за граѓаните. Истовремено ќе се трудам да бидам достоен претставник на рударскиот сектор и нивен „глас во општеството“- рече Талевски.
Тој најави и изработка на стратегија и конкретен план за делување на МАР во наредниот период, чија цел ќе биде зајакнување на довербата во рударската индустрија.
Рударството е значајна индустриска гранка во националната економија, која вработува над 7.200 лица. Во структурата на индустриското производство оваа гранка учествува со 10,87 отсто. Просечната плата во овој сектор е за 34,2 отсто повисока од просечната плата во земјата, што е уште една потврда за значењето на овој сектор.