Ивент индустријата е во колапс бара да биде вклучена во новиот пакет економски мерки
Организаторите на настани 11 месеци не работат и трпат огромни штети и, како што велат, биле заборавени од владата.
Компаниите кои се занимаваат со организација на настани бараат да бидат издвоени како една од најзагрозените дејности од пандемијата, а во претстојниот пакет мерки за помош да бидат вклучени соодветно на состојбата во која се наоѓаат.
Асоцијација на Ивент индустрија (ИВАП) велат дека се затворени 11 месеци и не оствариле никави приходи.
– Нашите бизниси се пред колапс. Мерките кои ги понуди Владата во претходните пакети за помош
се недоволни и несоодветни за нашиот сектор бидејќи намалувањето на прометот кај нас е и до 100%“. Уште на почетокот на кризата предупредувавме дека сме првите што сме затворени и дека ќе бидеме последни што ќе можат да работат. За жал, нашето предвидување се оствари а во земјава навистина нема можност за организирање на било каков настан на отворен или затворен простор. Ова секако не нѐ погодува само нас организаторите, тука сѐ уште многу други дејности кои трпат значителни штети заради ситуацијата – велат од Ивент индустријата.
Оттаму информираа дека оствариле средба со вицепремиерот за еконосмки прашања Фатмир Битиќи на која му ја презентирале комплексноста на секторот и состојбата во која се најдоа.
– Задоволни сме од приемот но сега тоа треба да се претвори и во реална реакција. Доколку Владата итно не насочи помош кон нашата индустрија и доколку јасно не ја вброи нашата индустрија во една од најзагрозените, навистина ќе сметаме дека сме заборавени од сопствената држава – велат од индустријата за организирање настани.