Ивановски: Зелените инвестиции ќе бидат клучни по кризата со ковид-19
Ова е прилика да се инвестира во пост-ковид периодот, сите тие државни поддршки што се користат да бидат условени со критериуми да бидат зелени. Тоа би бил бенефит, посебно за Северна Македонија која е земја на која и е потребен развој на проектите за животна средина, вели Ивановски.
Сакам да верувам дека вакви кризи можат да бидат искористени од земји како нашата затоа што ќе има реструктурирање на глобална побарувачка и на глобалната економија. Тоа е шанса што треба да се искористи преку различни стратегии. Една од нив е „зелен раст и развој“, што посебно се дискутира на ниво на ЕУ.
Ова го вели во интервју за МИА, Александар Ивановски раководител со секторот за даночна политика во Европската Фискална Конфедерација во Брисел, организација на даночни асоцијации и институти во Европа.
– Ова е прилика да се инвестира во пост-ковид периодот, сите тие државни поддршки што се користат да бидат условени со критериуми да бидат зелени. Тоа би бил бенефит, посебно за Северна Македонија која е земја на која и е потребен развој на проектите за животна средина – вели Ивановски.
Ивановски говори за пост-ковид светот и ги анализира последиците од оваа уникатна криза за земјава како и мерките за помош на економијата што ги предлага македонската Влада. Во врска со тоа кои сектори треба да се поддржат од владата, тој вели дека треба да се искористат трите принципи на ММФ.
– Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) препорачува пост-ковид консолидацијата да биде фокусирана на три принципи: колку што е можно повеќе да се поддржат домаќинствата и потрошувачката на добра и услуги, со тоа ќе се овозможи зачувување на некаков стандард на живеење на граѓаните и стимулирање на домашната економија. Вториот принцип е да се користат средствата според принцип на добро фискално управување, односно „лекот“ да биде соодветен на „болеста“. Во таа смисла владините интервенции треба да бидат фокусирани на поголема транспарентност и отчетност во давањето на државната помош. Значи целосно да се објават информациите за начинот на работење на фирмите, за владините интервенции, итн, сѐ да биде базирано на тој принцип на отчетност. Третиот елемент е да се обезбеди здрава фискална стратегија којашто ќе овозможи позитивен поттик за даночниот систем да биде во функција на одржлив развој на економијата – вели Ивановски.
Тој смета дека мерките што ги презема владата за помош на економијата се релативно добри.
– Не можам да ги коментирам деталите затоа што мислам дека никој не ги ни видел, не се објавени. Меѓутоа, генералната тенденција да се стимулира потрошувачката преку разни модели од типот на ваучери, викенди без ДДВ можат да бидат корисни на краток рок и за стимулирање на бизнис активноста. Што се однесува до условувањето на државната помош со задржување на работниците, тоа е евидентно, не е очекувам дека треба да се дава државна помош без да има соодветни очекувања од работодавците. Треба да биде во насока на условена државна помош за работодавците. Во таа насока треба да одат тие проекти за стимулирање на економијата – вели Ивановски.
За мерката „викенд без ДДВ вели дека најверојатно идејата е да се стимулира потрошувачката за да се помогне бизнис работењето.
– Е мерка којашто е логична во оваа фаза, не знам дали е најсоодветна. Од аспект на тоа дали е фер, ДДВ-то се смета за еден од социјално порегресивните даноци. Тоа е данок којшто неспорно ги удира посиромашните. Бидејќи таква е структурата на потрошувачката и данокот. Таа дебата се однесува на ДДВ-то и даноците на потрошувачката наспроти корпоративните даноци – вели тој.
Ивановски препорачува владата да ги следи препораките на ЕУ во даночните реформи.
– Најважната препорака беше конечно да се усвои даночната реформа за периодот 2021-2023. Ова е многу важен документ којшто министерството го објави во јануари годинава и почива на пет приоритети коишто се исклучително важни. Тоа е фер оданочувањето, во контекст на препораките за спречување на даночната евазија и префрлање профити во даночни раеви. Друг елемент е соработка и подобра координативна улога помеѓу институциите. Потоа, транспарентност, споменав и претходно, за размена на информации. Северна Македонија е потписник на документот на ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој, нз), за взаемна проверка на реформите посебно за размената на информации. Нашите институции кога ќе ги имаат тие информации ќе имаат соодветен увид во профитите, приходите што се остваруваат на територијата и кои владата има право да ги даночи, но коишто, поради претходните системски недостатоци се носеле во даночни раеви, без да има УЈП механизам да ги следи тие текови. Тој процес сега се отвора и Европската Комисија инсистира на тој процес. Конечно, зеленото оданочување, клучен елемент затоа што овозможува двојна цел – првата е да се оданочуваат загадувачите, оние коишто ги користат природните ресурси и да се реинвестираат тие средства во зелени проекти, и вториот елемент е да се реструктурира даночниот микс. Наместо поголемо ослонување на ДДВ, да има поголемо ослонување на зелени даноци, генерален тренд е ова на новата Европската Комисија – вели Ивановски.