ИВАНОВСКА ДОБИ ПОКАНА ЗА РАСПИТ И НАПРАВИ ДРАМА ДЕКА Е ПОРАДИ КАНДИДАТУРАТА ЗА ЦЕНТАР Обвинителството ѝ понуди да ја распитаат по изборите

Од Јавното обвинителство велат дека пријавата против Ивановска е поднесена пред 6 месеци, а тајмингот на поканата за разговор во ЈО не е поврзан со нејзината кандидатура за градоначалник во Центар, туку во меѓувреме се преземени дејствија, прибавен е конкретен предмет и извршени се распити на повеќе други лица.

288

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска, која вчера објави кандидатура за градоначалничка на Центар како кандидат на „Независни заедно“, денеска на својот профил на Фејсбук објави дека полицијата синоќа ѝ доставила кривична пријава.

Од Јавното обвинителство, пак, велат, дека пријавата против Ивановска е поднесена пред 6 месеци, а тајмингот на поканата за разговор во ЈО не е поврзан со нејзината кандидатура.  Дополнително известија и дека предметниот обвинител ѝ се јавил откако таа објави во јавноста и ѝ дал можност исказот да го даде по изборите, ако поканата ја чувствува како притисок.






„По 11 часа откако ја објавив мојата кандидатура за градоначалничка на Општина Центар, полицајци затропаа на мојата врата. Синоќа во 20.30 часот двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава веднаш појдов да ја подигнам поканата од ОЈО Скопје, за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со „Независни заедно“ е отпор против воспоставените антивредности на корупција и клиентелизам, кои нè доведоа до оваа ситуација“, напиша Ивановска.

Таа посочи дека навреме ќе информира за ситуацијата околу оваа кривична пријава.

Од Јавното обвинителство велат дека јавен обвинител постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.2.2025 година и презема дејствија, за да ги провери наводите.

„Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице, кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од Обвинителството е испратена на 25.7.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“, посочуваат од Обвинителството.

На прашањето зошто полицијата ја барала Ивановска да ѝ ја достави кривичната пријава, од Обвинителството наведуваат дека „испраќањето покани преку МВР не е невообичаена постапка и се користи често, бидејќи има проблем со достава преку редовната пошта“. Во конкретниот случај, наведуваат од ЈО, начинот на достава на поканата е избор на предметниот јавен обвинител.

Поканата за разговор, како што обаснуваат од ЈО, е испратена многу време пред нејзината најава за кандидатура, а МВР треба да објасни околу доставата на поканата. Пријавата е поднесена пред 6 месеци, а во меѓувреме се преземени дејствија, прибавен е конкретен предмет и извршени се распити на повеќе други лица. Пријавеното лице вообичаено последно се вика на распит, објаснуваат од ЈО.

Од Обвинителствоти не објавуваат која е причината за кривичната пријава. Наведуваат дека се работи за приватна пријава и дека не се во можност да споделат детали додека не се провери дали воопшто наводте имаат основ.

– Обвинителството не би ни објавило дека е пријавена, ако сама не обзанеше. Оваа пријава немаше посебен третман до моментот на нејзината реакција. Обвинителството по неа постапуваше како и по сите останати приватни пријави и не сметаше дека има потреба од исклучок. Има и други лица кои веќе дале исказ во однос на истата пријава без никаков проблем. Во меѓувреме, со оглед на нејзината јавна реакција, надлежниот јавен обвинител телефонски ја контактираше Ивановска и ѝ даде можност доколку сака и доколку исказот во Јавното обвинителство го чувствува како некаква форма на притисок, истиот да се одложи до завршување на изборите – велат од Обвинителството.

Поврзани содржини