Ивановска до судот: Душевната болка е голема како распарано небо, имате обврска да ја откриете вистината за „Монструм“
Кире Тричковски излегол со своите другари и кобниот ден не се вратил дома, тој како млад човек имал многу планови за својот живот, неговите најблиски останале со спомените за него, судии, имате обврска да ја откриете вистината, рече законскиот застапник на оштетеното семејство Тричковски, Дафинка Ивановска, денеска во своите завршни зборови за случајот „Монструм” .
Таа му порача на судот дека имаат обврска и кон семејството на убиениот Кире Тричковски, но и кон целата јавност да дадат одговор што се случило на 12 април, 2012 година.
– Цели три години се одржуваа рочишта, се слушаа бомби кои беа меѓу преовладувачките причини за укинување на пресудата, но по преслушување на бомбите не се утврдија некои факти, освен што се одржаа многу рочишта и се одзеде многу време за да се донесе пресуда – рече Ивановска.
Во однос на повиците и барањата за меѓународна поддршка во случајот, адвокатката Ивановска, порача дека треба да се направи таков притисок и за меѓународа поддршка и екстрадиција на двајцата обвинети од Косово.
– Зошто така не се побара меѓународна поддршка и помош за екстрадирање на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово – порача Ивановска.
Ивановска додаде дека душевната болка на семејството е голема и никогаш ништо нема да може да им ја надомести.
– Тој ден Кире излегол со другарите за да одат на риболов на Смилковското Езеро и веќе никогаш не се вратил дома. Имал само 21 година, бил студент на Универзитетот во Штип и како секој млад човек имал многу планови за неговиот живот. Но, од тој кобен ден факултетот останал незавршен и плановите нереализирани, а неговите најблиски останале само со споменот за Кире и со неодговорени прашања, кој и зошто брутално го убил него и неговите другари. Душевната болка е голема како распарано небо, а од денот на смртта на синот, нивниот живот комплетно се превртел. Медицинските средства и одењето на гробиштата никогаш не ја намалија болката која им го срушила нивниот живот. Семејството Тричковски бара и чека одговор за тоа што се случило на 12 април, 2012 година на Смилковското езеро – порача адвокатката Ивановска.
Во тек се завршните зборови на адвокатите на обвинетите.