ИВАНА МУ СЕ ЈАВИЛА НА СТОЈАНЧЕ СО ВКЛУЧЕНА КАМЕРА ПРЕД ДА СКОКНЕ ОД ТЕРАСА Саздов се посомневал дека Ивана ќе посегне по себе, но Стојанче го уверувал дека нема

Стојанче се сомневал дека Ивана го наместила за дрога, на критичниот ден ја навредувал и ја тепал пред Саздов, викнале полиција, Ивана била збунета, инсистирала да ја земат Катја од школо и да оди дома по што следел трагичниот настан.

5,350

Мартин Саздов денеска сведочеше дека во моментот кога Ивана заедно со Катја скокнала од терасата му се јавила на Стојанче со вклучена камера. Сведокот рече дека ја видел Ивана на камерата од телефонот како стои со Катја во рацете на терасата и сфатил што ќе направи. Почнал да вика да не прави глупости, но кусо потоа слушнал силен тресок.

Претходно Саздов раскажа што се случувало пред критичниот настан, на 2 март 2026 година.






Ивана цело време му пишувала на Мартин дека веќе не може да издржи, дека ѝ е многу тешко, дека не може да го поднесе Стојанче, дека е психички падната и многу исплашена.

– Ѝ се лутев што не си оди кај мајка ѝ. Еден ден пред 2 март, вечерта, Ивана ми пиша „Мартин, те молам не ме оставај, многу ми е тешко, не можам да го издржам ова.“ Но јас вечерта сум заспал и не сум ѝ вратил одговор на пораката. Утрото се облеков и отидов кај неа на работа, да ја видам, околу 10.30, во близина на училиштето Нова. Ја прашав дали бара помош од некој полицаец кого видов дека има заследено на Тикток. Таа негираше. Јас не верував, му се јавивме, јас го прашав дали Ивана му се жалела и барала помош, тој негираше. Ја замолив да оди кај мајка ѝ, ѝ реков не дај боже, еден ден ќе те убие. Таа велеше дека не може да го остави станот, дека ќе остане на улица, дека Катја си ја бара собата. Јас веќе не знаев што да направам, сакав да си одам и ѝ реков „ако ти треба нешто, побарај ме“. Таа сакаше да ме задржи. Ѝ реков да оди на работа, дека ќе зборуваме друг ден. Немаше минута-две, кога ми се јави  исплашена и рече „те молам врати се, Стојанче е тука“. Кога стигнав, Стојанче почна да ја тепа, почнав да го влечам, му реков да не ја удира – сведочеше Мартин.

Тогаш Стојанче му рекол дека Ивана му рекла дека тој го наместил. Ивана негирала. Потоа повторно почнал да ја тепа, а Мартин ги разделил.

– Му реков на Стојанче качи се во кола, да си одиме, а на Ивана ѝ реков да оди на работа. Ми беше страв да ги оставам таму. Стојанче влезе во возилото, влезе и Ивана. Ѝ реков да оди на работа, не сакаше. Го прашав Стојанче каде да го возам, ми рече да го носам во суд дека треба да се пријави. По пат ја навредуваше, на Партизанска почна да ја дави. Почна да вика „Немојте да мислите дека ви се плашам“. Се сврте, со колената се качи на седиште и почна да ја мава Ивана со боксови и да ја дави. Ивана се онесвести. Јас го влечев, застанав среде улица на Партизанска за да ги разделам. Се свртев да видам дали Ивана е добра. Стојанче ми рече „Остави ја, глуми, сега ќе ѝ го земам телефонот, ќе видиш како ќе стане.“ Почна да ѝ го влече телефонот, Ивана се освести. Стојанче почна да се смее и да вели „виде ли како глуми“. Стигнавме пред судот, не се сеќавам дали таму ја удри. Возилото го паркиравме зад судот. Ѝ реков на Ивана да земе такси и да си оди. Со Стојанче одевме кон судот, а таа одеше зад нас. Кога стигнавме кај скалите Стојанче сакаше пак да ја удри, му реков немој, ќе те пријави, ќе си направиш проблем. Ивана почна да кажува дека не рекла дека сум го наместил Стојанче за дрога. Се свртев, ѝ реков „добро, знам“ за да се тргне – рече Мартин.

Откако Стојанче се пријавил во судот, тргнале кон колата. Ивана стоела до возилото и зборувала на телефон. Кога стигнале, Ивана го избришала разговорот со кој контактирала. Стојанче ја прашал со кого зборувала, а таа рекла дека зборувала со мајка ѝ. Стојанче инсистирал да види, мислел дека го пријавувала во полиција. Ја навредувал. Ивана не сакала да му го даде телефонот, за да не ѝ го скрши.

– Ѝ реков дај ми го мене, нека види од мои раце. Виде дека нема ништо. Ивана рече дека сака да разговара со Стојанче насамо, отидоа на страна, јас стоев до колата. Тој пак почна да ја тепа, ја удри со двете раце одеднаш во главата. Јас се стрчав, го тргнав. Ивана го зеде телефонот, се јави во полиција и рече дека сака да пријави насилство. Стојанче ја навредуваше, ѝ рече „ништо не можеш да ми направиш“ и се смееше. Рече „ќе видиш со кого си имаш работа“. Ја навредуваше сѐ додека дојде полиција. Полицајците дојдоа, ја тргнаа Ивана на страна и разговараа, па го тргнаа и Стојанче на страна и разговараа. Полицајците им ги вратија личните катри и им рекоа на двајцата: решете си го проблемот. Ѝ реков на Ивана качи се во такси, оди на работа. Со Стојанче влеговме во кола, ми рече да го носам дома. Ивана одеше накај судот. Кога тргнавме, полицајците застанаа до нашето возило и рекоа да застанеме, зашто пак има пријава за закани. Ја викнаа Ивана, ја прашаа кој ѝ се заканувал, а таа молчеше. Полицајците почнаа да викаат „ако уште еднаш пријавиш ќе ѝ пишеме казна за лажно пријавување. Им реков да не ѝ пишуваат казна и да ја остават да си оди – сведочеше Мартин.

Ивана тргнала повторно накај судот, а Мартин и Стојанче влегле во кола. По една минута Ивана му се јавила на Мартин и побарала насамо да зборува со него. Стојанче не дозволил да зборуваат насамо. Мартин ја прашал дали сака да оди да си земе работи од дома и да ја носи кај мајка ѝ, а таа потврдиле. Само инсистирала прво да ја земат Катја од школо. Ја земале Катја и тргнале кон станот на улицата Теодосиј Гологанов. Стојанче по пат ѝ се заканувал на Ивана, ја навредувал, ја бркал од станот.

– Дали ѝ се заканувал бидејќи сметал дека е наместен за дрогата? – праша обвинителката.

– Да. Ѝ рече ќе видиш што ќе ти направам, Катја ќе ти ја земам. Ништо е ми можете, не ви се плашам на двајцата, ако одам во затвор, ќе излезам ќе те убијам. Ивана ми кажуваше дека и во претходните денови така ѝ се заканувал, дека ќе ја убие после затвор. Ѝ покажувал пиштол. Ми велеше „не знаеш каков психопат е, ќе нѐ убие.“ Јас ѝ велев, ќе решат институциите сѐ што треба. Кога стигнавме пред зградата, сакав да ги почекам долу, ама Стојанче ми рече да влезам во гаражата „Не може таа да оди сама во мојот стан, ќе ме намести нешто.“ Му реков „нека се качат да си земат работи, нема ништо да ти земе.“ Тој одговори „Не, нема да ја оставам сама, ќе се качиме сите заедно.“ Јас не сакав да се качам, ми беше непријатно, ама ми беше страв да ги оставам сами горе, па се качивме сите. Отклучија, јас стоев пред вратата, Ивана и Катја влегоа, Стојанче влезе по нив. Ѝ рече „земи што ти треба и губи се“. Ивана му одговори „Излези ти, јас само да го спакувам ранчето на Катја, да си одбере што сака да земе.“ Стојанче сакаше пак да ја урди, а Катја ја гушкаше Ивана за ногата. Го фатив за рака, го повлеков, тој рече „Оваа пак ќе ме намести, ќе ми остави нешто дома.“ Ѝ реков на Ивана „еве нека стои малку подотворена вратата, јас ќе бидам пред врата, земи си што треба.“ Ивана ја затвори и ја заклучи вратата. Не се слушаше ништо од станот, јас заѕвонив, прашав „како си Ивана“, рече „еве за 5 минути сме спремни.“ После ја отвори вратата, рече „јас не сакам да си одам, ќе легнеме малку со Катја да спиеме“. Му реков на Стојанче „ајде да се симнеме доле.“ Стојанче викаше „ќе видиш што ќе ти направам“, Ивана беше со Катја во раце, гушнати. Ѝ велеше ќе ја сменам бравата, ќе го земам станот, ќе ти ја земам Катја, не ти го враќам дарот. Ивана само се насмеа и рече „прави што сакаш“. Влезе и заклучи. Јас и Стојанче се симнавме доле. Мислев дека ќе се предомисли, дека ќе се симне. Јас во еден момент се посомневав да не направи нешто Ивана, му го реков тоа и на Стојанче. Тој рече „не, таа не се убива, не умира“. Ивана му заѕвони на Стојанче, нешто зборуваа. Го прашав што е, а тој рече дека не ја разбрал. Го стави телефонот во џеб. Претпоставував дека му рекла дека нешто ќе направи, а тој си го стави телефонот во џеб и го исклучил звукот. Таа пак му ѕвонела, ама тој го стишал телефонот и не чул. Ивана ми се јави мене, рече „можеш ли да му кажеш на Стојанче да се јави на камера“. Му се јави, Стојанче ја вклучи камерата. Јас ѕирнав, ја видов Ивана како стои со Катја во рацете на терасата и сфатив што ќе направи. Викав „Ивана, немој да си направила глупост.“ Потрчав кон влезот и слушнав силен тресок (сведокот почна да плаче). Истрчав да видам што се случува, ја видов Ивана во крв целата. Почнав да трчам, мислев Катја е горе, па ми текна дека е заклучено, па се вратив назад, а кога стигнав ја видов и Катја до нејзе. Викав ве молам викајте брза помош, не знаев што да направам – рече Мартин.

– Што направи Стојанче кога слушна тресок? – праша обвинителката.

– Почна да трча накај главата улица. Јас истрчав накај Ивана и Катја. Не отиде да ги види – рече сведокот.

Во тој момент се уфрли Стојанче и рече „Јас истрчав да барам помош, немав храброст да ги видам“.

Поврзани содржини