ИТНО НИ СЕ ПОТРЕБНИ РАКЕТИ Зеленски ги повика европските партнери да ја забрзаат помошта за воздушна одбрана
Ова е клучна задача во моментов, не само за Украина, туку и за сите во Европа, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од европските партнери да ги забрзаат испораките на ракети за воздушна одбрана по серијата тешки руски воздушни напади.
– Ова е клучна задача во моментов, не само за Украина, туку и за сите во Европа. Русите не смеат да се навикнат да веруваат дека нивните ракети и „шахеди“ на кој било начин им помагаат – изјави Зеленски во синоќешното видеообраќање.
Зеленски претходно изјави дека системите за воздушна одбрана „Патриот“ не биле во можност да дејствуваат во јануари поради недостиг на муниција.
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, по консултациите на маргините на состанокот на НАТО во Брисел, доцна синоќа изјави дека Германија ќе обезбеди пет дополнителни наведувани ракети PAC-3 за системите „Патриот“ во Украина, доколку другите земји поддржувачи заедно придонесат со вкупно 30 ракети.
Писториус рече дека е оптимист оти целта „30 плус 5“ ќе биде постигната. Сите вклучени страни се свесни дека целта е да се спасат животи и дека се работи за денови, а не за недели или месеци, додаде тој.
Украинскиот министер за одбрана, Михаило Федоров, го опиша овој потег како многу добра иницијатива и истакна дека се очекуваат дополнителни ракети-пресретнувачи преку програмата за набавка на оружје PURL на НАТО. Според шемата PURL (Prioritised Ukraine Requirements List), земјите на НАТО соработуваат за да купат одбранбена опрема од САД за потребите на Украина.
Руските напади со 25 ракети и повеќе од 200 дронови вчера предизвикаа тешки оштетувања на енергетската инфраструктура во Киев, Одеса и Дњепар.
Зеленски исто така изрази скептицизам во врска со разговорите планирани во САД за следната недела, чија цел е ставање крај на речиси четиригодишната војна. Тој рече дека Русија досега не дала цврст одговор на предлозите. Украина и Русија последен пат водеа преговори во Обединетите Арапски Емирати, пред две недели, со САД како медијатор.