ИТНО ЌЕ СЕ МЕНУВААТ 8 ЗАКОНИ Државата подготвува посилна заштита на жртвите на семејно насилство

Ќе се менуваат законите за полициски овластувања, за спречување и заштита од семејно насилство, за социјална заштата, за правда на децата, за бесплатна правна помош, законот за кривична постапка и други, соопшти Министерствотото за социјална политика, демографија и млади.

0

Се подготвуваат итни законски измени со цел системски подобро да бидат заштитени жртвите на семејно насилство. Ќе се менуваат 8 закони.

Денеска во Министерството за социјална политика, демографија и млади се одржа првиот состанок на Работната група чија задача е да ги анализира и да даде препораки за подобрување на законите за спречување и заштита од насилството врз жените и од семејното насилство, како и да подготови предлог итни законски измени.






„Работната група ќе работи на измени и дополнувања на повеќе закони, меѓу кои: Законот за полициски овластувања; Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство; Законот за социјална заштита; Законот за правда на децата; Законот за бесплатна правна помош; Законот за кривична постапка; Законот за парнична постапка и Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство“ соопшти Министерствотото за социјална политика.

На работната средба присуствуваа заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Членовите на работната група се номинирани претставници од релевантни институции и граѓански организации, меѓу кои: Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за правда, невладиниот сектор, надлежните судови, Јавното обвинителство, претставници од академската заедница и од Собранието. Во работата на групата се вклучени и надворешни соработници од меѓународниот сектор.

На состанокот е заклучено секоја институција до следната средба да достави конкретни предлози за законски измени, како и измени на подзаконски акти, правилници и протоколи, согласно утврдените потреби.

Како што наведуваат од Министерството, целта е да се обезбеди поефикасна практична примена на законските решенија и дополнително да се зајакнат механизмите за спречување на насилството и заштита на жртвите од родово базирано и семејно насилство.

Состанокот се одржа согласно заклучокот донесен на итната седница на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.

Поврзани содржини